Демократијата ја градат храбрите, но кога веќе такви кај нас нема тука се младите. Полни со надеж елан и животна жар, исто како и младиот Мартин од Скопје пред брутално да биде убиен на партиска прослава на изборните резултати. Неговата смрт деновиве стана синоним на борбата за демократија во Македонија која за прв пат ги обедини граѓаните од сите етнички заедници. Тие протестираат заеднички барајќи правда за Мартин, кој беше претепан до смрт од полициски специјалец.

Отпорот на младите ја збуни власта, која со доцнење објави што навистина се случило кобната ноќ во центарот на Скопје, откако младите излегоја на улица организирани преку социјалните мрежи. Се обидоа да поентираат и политичарите, но младите, барем засега,  не потпаднаа под нивно влијание.

Информацијата за немилиот настан со пропусти и контрадикторности ја објавија медиумите, а дел од нив, за жал, наместо во интерес на јавноста повторно се ставија во функција на политиката. Но, затоа тука е Интернетот кој ги разби сите бариери и обиди да се забошоти трагедијата и јавноста да се дефокусира со фабрикувани приказни од машинериите за валканици кои деновиве работат под полна пареа.

Да, децата им покажаа на родителите како треба да се бранат човековите права, покажаа дека во оваа земја живеат нормални луѓе кои сочувствуваат со трагедијата на семејството Нешковски и ја натераа државата да почне да го расветлува случајот кој првично беше заведен како незнајна смрт.

Горан Момироски