Со вечера во познатиот охридски ресторан „Белведере“, посета на манастирот „Свети Наум“ и изворите на Црн Дрим, како и посета на селото Тпејца и рибниот ресторан „Рибар“, 70-годишниот српски бизнисмен и филантроп Драгољуб Љуба Јакиќ викендов го прослави својот роденденски јубилеј.

Тој прослави во одбрано друштво, фамилијата и пријателите, со кои заедно уживаа во убавините на Охрид, македонска традиционална храна и вино и прекрасна музика.

Драгољуб ќе рече за Охрид го врзуваат спомените од младоста, но Охрид е присутен и низ текот на целиот негов живот.

Охрид од секогаш ме импресионирал, а првото мое доаѓање овде беше во дамнешната 1970 година, кога бев ученик во белградската Гимназија. Бевме сместени првата ноќ во одмаралиштето „Орце Николов“, додека втората во хотелот „Београд“ во Струга. Се сретнавме со кошаркари со кои се здруживме и вечерта вечеравме заедно. Еден од кошаркарите знаеше да гледа на дланка и мене ми рече ќе живееш 79 години. Мене тоа тогаш ми делуваше многу. Денес кога наполнив 70 години иако ми се чини дека поминаа многу брзо, сепак многу работи се случија во овој период, вели Драгољуб.

Неговата втора средба со Охрид била после 24 години, во 1994 година, за што вели е заслужна фамилијата Аголи, односно Вера, мајката на познатите охридски доктори, хирургот Диел и стоматологот Ерол, која била неразделна пријателка со мајката на неговата жена, бидејќи и двете биле родени во Краљево.

Доаѓавме овде со децата и бевме секогаш убаво пречекани од Вера. Се сеќавам и на разговорот со сопругата на Диел, Гордана кои тој период живееја во Белград по распадот на Југославија. Како и сите кои не се согласуваа со распадот, ние отидовме во Виена, а Гордана ми рече: „Лесно ви е на вас вие ќе одите во Виена, а ние треба во Охрид“. Кога се сретнавме после многу години ми рече дека тоа била најдобра одлука во нивниот животот. Таа и ден денес го мисли истото, додава нашиот соговорник.

Потоа следела повторно долга пауза и трета средба со Охрид во 2010 година, кога се сретнале со таткото на неговата сопруга Ирена, која е охриѓанка и во 2021 година дошле на неговиот роденден. Тогаш посакал да има сличен роденден и почнал да ја подготвува прославата.

Со одушевување се сеќава на изведбата на песната „Зајди, зајди“ кога биле на вечера во ресторан во Свети Наум со сопругата на зајдисонце.

Охрид некако „ми се залепи за срцето“. Кога и да дојдам овде се ми одговара и водухот и водата и луѓето и музиката и храната. Како да сум живеел тука стотина годни. Поради тоа и се одлучив 70-ти роденден да го прославам во Охрид.

Професионалната кариера ја започнува по завршувањето на Градежниот факултет во Белград во 1978 година. По извесно време почнува да  работи како водач на проектот и директор на компанија и развива два добро познати светски брендови на овие простори – синџирите на ресторани за брза храна: „McDonald’s“ (од 1990 година) и „KFC“ (од 2005 година).

Во почетокот работев шест месеци како обичен работник во „McDonald’s“, во кујна, а бев на позицијата директор. Тоа е интересна школа, бидејќи не ја очекував. Мислев дека ќе ми дадат фотелја и ќе бидам директор. Но, тоа беше фанстастична школа бидејќи тогаш навистина научив што е бизнис. На обука во Белград доаѓаа и македонци на тренинг, охриѓанецот Зоран Матлиевски беше директор на „McDonald’s“. Така што пак ни се вкрстија патиштата со Охрид.

Посебни заслуги постигнал за време на нападот на НАТО бидејќи многу ресторани биле уништени како симбол на Америка, но тој успеал да го спаси бизнисот и работните места и покрај прекинот на работа од три месеци без приходи и да ја врати работата во нормала.

Во 2013 година следел нов предизвик кога во Србија ја развива идејата за инвестиции во злато, златни плочки, овозможувајќи им на купувачите да го заштитат својот финансиски капитал од инфлацијата. На негова иницијатива укинато е ПДВ (ДДВ) за инвестициското злато со одлука на Собранието на Србија во декември 2017 година, со што пазарот бил целосно легализиран и отворен.

Добротворната мисија во животот му се испреплетува со професионалната кариера. Во текот на целиот живот дава поддршка за културата, помогнал во издавање на повеќе книги, спортот и децата, како со финасии од фирмите каде работи, така и со сопствени средства.

По предлог на Симеон Бабиќ од Белградската библиотека, предложен е да ја добие наградата наградата „Капетан Мише Анастасијевиќ“ за успешен бизнисмен и хуманитарец која треба да му биде врачена на 25 јуни.

Луѓето често кажуваат дека наградите и признанијата не се битни, туку што луѓето оставаат зад себе. Јас сепак мислам дека имам оставено трага зад себе и навистина ми е убаво. Не е во прашање суета, туку чувството на задоволство за вложениот труд и напор. Сепак низ годините стануваше збор за тешки проекти кои те трошат и физички и ментално и емоционално. Но, инспирацијата ви дава и желба и моќ да траете. Не ми мирува духот, телото да, поради годините. Идеи имам нон стоп, додава Драгољуб.

Тајната на успехот вели, е во тоа што човек мора да биде многу вреден, искрен, но и упорен, никогаш да не се откажувате, и тогаш кога оди се од рака, повторно и повторно да се најде сила и да се продолжи.

Но, и околностите треба да се наместат. Човек секогаш треба да тежнее да биде подобар од претходно. Задоволен сум и на приватен план. Тука е и мојот внук Виктор. Имам две прекрасни керќи на кои им поклонив охридски бисери симболично велејќи дека се поклон за два големи човечки бисери, додава Драгољуб, заблагодарувајќи им се на своите  пријатели во Охрид со кои долго време го негува пријателството, а кои помогнаа и во организирањето на неговиот 70-ти роденден токму во Охрид.

Н.С.Ј.