Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) со појаснување на најновите измени на Законот за за безбеденост на сообраќајот на патиштата (ЗБСП) кои веќе стапија во сила.
Во прв план, како што појаснуваат од РСБСП, Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се усогласува со Законот за прекршоци со што во голем дел се намалува висината на предвидените парични санкции за сторен сообраќаен прекршок.
Важно е да се потенцира дека за оние сообраќајни прекршоци кои спаѓаат во групата на животозагрозувачки (возење под дејство на алкохол, непочитување на правилата за ограничување на брзината, итн.) висината на предвидените парични санкции за сторен прекршок останува непроменета. Согласно тоа, освен наведените прекршоци дефинирани како животозагрозувачи, за останатите прекршоци, највисока парична санкција за физичко лице, за сторен сообраќаен прекршок, изнесува 250 евра во денарска противвредност, наведуваат во соопштението.

Како поважни одредби со кои се регулира учеството во сообраќај со електричен тротинет се издвојуваат: возачот на електричен тротинет е должен да го управува тротинетот по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци (се забранува движење со тротинет на коловоз); возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека, односно лента со брзина поголема од 25 km/h., додека по тротоар, пешачка патека или друга површина наменета за движење на пешаци, не смее да се движи со брзина поголема од 6 километри на час, посочуваат од РСБСП.

Друга новина во ЗБСП е тоа што возрасната граница за издавање на возачи дозволи изнесува 75 години, наместо 70 како што беше досега со тоа што возач на моторно возило кој наполнил 75 години возраст, задолжително подлежи на контролен здравствен преглед во временски интервали кои не можат да бидат подолги од пет години. Законот предвидува и можност за одземање на возилото до 90 дена, појаснуваат од РСБСП.

Доколку биде утврдена техничка неисправност на возилото, која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена, се вели во соопштението.
Според измените на ЗБСП, доколку возачот во период од една година, откако му е изречена санкција – забрана за управување на моторно возило од определена категорија, стори друг сообраќаен прекршок за кој е предвидена прекршочна санкција – забрана на управување со моторно возило, тогаш ќе му биде изречена прекршочна санкција – престанок на важење на возачката дозвола за истата категоријата за која му била изречена прекршочната санкција – забрана за управување.
Со други зборови доколку еден возач за иста категорија на возачка дозвола, за период од една година од изречувањето на првата санкција, стори друг прекршок за кој е предвидена санкција забрана за управување на моторно возило, тогаш на тој возач трајно му се одзема возачката дозвола за таа категорија, појаснуваат од РСБСП.

РСБСП апелира да се вози одговорно и да се почитуваат сообраќајните правила и прописи.
OhridNews












