Графичкиот дизајн и графичкото инженерство претставуваат професија која во изминатава деценија е во вистинки подем не само во странство, туку и во земјава. Се повеќе млади, се одлучуваат професионално да се занимаваат со изработка на графички идејни решенија кои имаат различна намена.
Охриѓанец Антонио Стаматоски, магистер по графичко инженерство, повеќе од 5 години успешно се исправа пред предизвиците во „графичките води“. Неодамна, логото на нашиот сограѓанин беше избрано за најдобро идејно решение за порталот „OhridNews.“
OhridNews: Кој беше мотивот да се пријавиш токму на конкурсот за изработка на идејно решение за лого наменето за порталот OhridNews?
А.С.: Кај мене се што е поврзано со горе наведените работи ми дава страст да ја изразам својата креативност преку графичко идејно решение со кое ќе го задоволам клиентот, а и самиот ќе бидам задоволен од дизајнот. Така да мотивот беше едноставен, да направам лого кое ќе му се допадне на клиентот и со кое веб сајтот OhridNews ќе добие поубав и пософистициран изглед на електронски весник кој навистина го заслужува тоа.
OhridNews: Дали овој своевиден успех претставува поттик повеќе и дополнителен мотив за во иднина?
А.С.: Се разбира. Секој успех на делото претставува и успех на креаторот на тоа дело. А секој успех ти дава поголема самодоверба и поттик за понатаму се повеќе да ја сакаш својата работа и професија.
OhridNews: Колку време беше потребно да се создаде едно такво лого и како се одвиваше целокупниот процес на изработка?
А.С.: Времето не е мерило за создавање на еден дизајн. Најбитна е креативноста и идеата која е проследена со типографски и колор совпаѓања за еден дизајн да изгледа убаво. Едно лого, може да се создаде за неколку часа ако имате оригинална идеа на ум, а може и да доживее процес на измени, за на крај да се стигне до финалното решение. Најбитен е концептот, односно да се задоволат потребите на корисниците и клиентот, а и вие сами да бидете задоволни од сопствениот дизајн.
OhridNews: Кои се твоите почетоци во дизајнерските води и од каде црпиш инспирација за дизајните?
А.С.: Моите почетоци се од факултетските денови кога започнав да се дружам со програмите за графички дизајн, кои понатаму преку напорна работа и упорност од „тула да изградиш кула“, ме подигнаа на едно ниво на кое почнав професионално да се занимавам со оваа работа. Инспирација за дизајните црпам од се околу мене, од боите на природата, од луѓето кои се околу мене, од пријателите, семејството.
OhridNews: Што всушност се крие зад твоето портфолио и кои со кои компјутерски програми највеќе се „дружиш“?
А.С.: Па како што кажав, веќе сум магистер по графички дизајн, имам објавено неколку интернационални трудови на меѓународни конференции, имам работено во неколку графички студија и исто така имам посетувано и курсеви за графички дизајн, кои ми дадоа поголем поттик за да се занимавам уште подрастично со оваа професија. Работам во растерски и векторски програми како: Adobe Photoshop, Lightroom, Illustrator, CorelDraw, InDesign и др.
OhridNews: Странски или домашен пазар? Зошто странскиот е доста поинтересен за графичките дизајнери од земјава?
А.С.: Конкретно работам за наш и за странски пазар…но повеќе за странски пазар бидејќи е подобро платено. Веќе неколку години работам како “freelancer” на интернет за странски компании. Имам издвојувано неколку победи на логоа за странски пазар, и исто имам направено и логоа за домашен пазар. На следните слики се прикажани логоата за странски и домашен пазар.
OhridNews: Колку оваа професија е профитабилна и дали имаш конкретни планови за во иднина?
А.С.: За во иднина планирам да продолжам да се занимавам со оваа работа бидејќи тоа е моја професија. Профитабилна е надвор од земјава додека за наш пазар е слабо платена. Уште не е доволно развиен нашиов пазар, бидејќи луѓето кај нас мислат дека идеата и креативноста не вредат, додека тоа е сосема спротивно за странски пазар. Мора да сватиме дека идеата и креативноста се најбитни работи за еден дизајн да изгледа убаво и преку тој дизајн да се создаде заштитен бренд на една компанија на која понатаму и е загарантиран успехот.
OhridNews: Дали имаш конкретна порака до сите млади кои во иднина сакаат да „запливаат“ во дизајнерските води?
А.С.: На сите млади луѓе им порачувам доколку навистина мислат дека се креативни и сакаат во иднина да се занимаваат со оваа професија да го направат вистинскиот чекор. Бидејќи со упорноста и напорната работа успехот на крај секогаш се исплатува.
O.T.
















