Влегувањето на претставници на граѓанскиот сектор во владата претставува можност да се влијае во креирањето на нејзините политиките во корист на граѓаните, сметаат државните функционери кои од неодамна невладиниот сектор го заменија со министерски кабинети. Тврдат дека функциите не им се награда за сработеното во корист на политичките партии, туку предизвик да придонесат за позитивни промени во општетсвото.
-Сметав дека е неодговорно сега кога ми се нуди шанса да влијаам на политиките кои се креираат да се повлечам од тоа. Сметам дека тоа е на некој начин кукавичлук. Цело време зборуваш, ја критикуваш власта и сега тебе ти се дава шанса да го промениш тоа и ти бегаш. Сметам дека тоа е и неодговорно и кукавичлук. – вели Бранимир Јовановиќ, советник во кабинетот на министерот за финансии.
Трансферот на активисти од невладините организации во владата предизвика различни реакции во јавноста, но и внтаре во самата државна администрација.
– Не е едноставно на државната администрација да и го претставиме тоа дека граѓанските организации мора да бидат наш социјален партнер и дека се што правиме мора да биде во соработка со граѓанските организации. Не кај сите има разбирање за тоа, не е дека нема отпор, но се трудиме да го надминеме тоа. – вели Санела Шкријељ, шеф на кабинетот на министерката за труд и социјална политика.
Граѓанскиот сектор очекува со влегувањето на негови претставници во власта да се подобри соработката со државните институции.
– Во суштина очекувате луѓето што излегле од вашиот сектор дека добро ги познаваат состојбите во секторот и комуникацијата би требало да биде олеснета не само со нив, туку и можноста тие да влијаат во министертсвата и во одделите каде што работат. – вели Гонче Јаковлеска – координатор на “CIVICA MOBILITAS”.
Претставниците на граѓанскиот сектор и државните функционери се согласуваат дека е неопходно поврзување на невладините организации и институциите со граѓаните, без што, како што велат, не можат да се променат на подобро состојбите во општеството. На оваа тема се разговараше на трибината на “CIVICA MOBILITAS” што неодамна се одржа во Охрид.
Г.М.












