-Покрај фекалните води за што е проектиран колекторскиот систем, тој ги третира и отпадните и атмосферските води, а со покачување на подземните води колекторот е преоптоварен и прашање на време само кога тој ќе крахира, изјави за OhridNews, Бранислав Трпчески – директор на МЈП „Проаква“.
Засега најкритична е состојбата со пречистителната станица во Враништа, а проблеми има и на други пунктови.
– Фекалиите и отопадните води кои треба да се третираат во пречистителната станица во Враништа сега ни се прелеваат во Езерото, а регистрираме и враќање на отпадните води во секундарната канализација за што секојдневно добиваме поплаки од граѓаните, вели Трпчески.
За проблемот со колекторот Проаква ја информирала Владата, како и соодветните министерства и ЕЛЕМ, од каде, како што велат, се уште не добиле никаков одговор.
– Четири години непрекинато ја информираме Владата, донесени се одредени заклучоци од страна на надлежните министератва, но за жал до денес ништо не е преземено. Дали треба да се случи некаква хаварија за некој да се разбуди во оваа држава, бидејќи Охриското Езеро не е само на охриѓани и стружани, туку на сите граѓани во Република Македонија, а како ретко природно богатство е заштитено и од УНЕСКО, укажува Трпчески.
Тој посочува дека независно од новонастанатата ситуација со зголемениот востостој, состојбата со колекторскиот систем на Охридското Езеро е крајно критична затоа што тој е проектиран за 120.000 жители и со капацитет за пречистување на 5 милиони кубни метри фекална вода годишно, а во 2009 година системот пречистил 16 милиони кубни метри отпадни води, што е четири пати повеќе од проектираниот максимум.