Швајцарецот Марсел Колер ќе ја предводи фудбалската селекција на Австрија и во наредните две сезони и тоа низ квалификациите за СП 2018 во Русија. Колер чиј договор истекуваше на крајот од ЕП во Франција се обврза на дополнителни две години верност.


– За разлика од минатиот пат, сега притисокот беше помал. Сакавме да го тргнеме психолошкиот товар пред стартот на подоготовките за престојното ЕП во Франција. Па така наместо за мојот договор да зборуваме за фудбалски теми. – рече Колер по објавувањето на соработката.

Под палката на Колер, Австрија суверено се квалификуваше на континеталниот собир, серијата добри резултати ја смести “скијачката“ нација меѓу топ 10 во светот. Пред доаѓањето на Колер, “црвено-белите“ беа на 77 место на фифа ранг листата. – Нашата заедничка цел е да се преставиме во што подобро светло во Франција, а континуитет настап на големи натпреварувања да го продолжиме и на СП во Русија. – истакна Колер.

За него покрај добрата финансиска понуда, важно е што во тимот остануваат и неговите помошници со кои соработуваше во последните четири години. Австрија првите тест средби пред собирот во Франција ќе ги има кон крајот на месецов и тоа против селекции кои исто така ќе патуваат во земјата на петлите. 


Против Албанија ќе играат на 26, додека против Турција на 29 март. Во составот на Колер за овие средби се враќа повредениот голман Роберт Алмер, кој е и единствениот фудбалер кој настапува во Австриската Бундеслига. Ново име е фудбалерот од средниот ред на Шалке Алесандро Шоп.

– Доколку нема некои изненадувања, повреди ова би биле 23- та кои ќе патуваат во Франција. Вратата не е затворена за никого, ниту некому му е гарантирано местото но како стојат работите во моментов ова е селекцијата која ќе не преставува во Париз – подвлече Колер.

Австрија на ЕП во Франција се наоѓа во Ф групата заедно со селекциите на Португалија, Унгарија и Исланд.

Мирко Постоловски