Охридските Колибри се на прагот од откажување од куп натпреварите, а неизвесно е нивното натпреварување во вториот дел од кошаркарското првенство. Охриѓанки кои се препуштени сами на себе деновиве ќе ја донесат конечната одлука дали ќе се појават на теренот против  Трокал или по административен пат ќе бидат елиминирани од купот.


Пет сезони во низа играме во купот и тоа во самата завршница, а два пати бевме дел од финалето. Финасиите го кројат нашата судбина, а како стојат во моментов работите, ние нема да играме во купот, исто неизвесно е ќе продолжиме да играме во лигата – вели капитенот Весна Балазоска, која најави повлекување од активното играње на крајот од сезонава.

Женската кошарка во Охрид која долги години е традиција на градот во последните две години ги преживува најтешките моменти, вистинско прашање е дали на сирмашниот спортски Охрид му треба женскиот клуб. Охриѓанки се оставени на маргините, а за да го доиграат првиот дел , службените лица ги подмириле со пари кои ги собрале од сопствените редови.

Доколку во градот Охрид сметаат дека нема потреба од прволигашка екипа тогаш тоа така и нека биде. Последните неколку натпревари од првенството ги плативме од свој џеб – велат од клубот . 

Малку време останува да се променат работите, многу веројатно е дека по “езерџиите“ ќе ги снема и “колибирите“ од кошаркарската мапа.

М.Постоловски