“Денес кога станувам пионер, давам чесен пионерски збор дека ќе учам и работам и ќе бидам добар другар, дека ќе ја сакам нашата самоуправна татковина, дека ќе ги почитувам сите луѓе на светот кои сакаат слобода и мир, ќе го развивам братството и единството и идеите за кои се бореше Тито.”

Јас не можам да бидам југоносталгичар, ако се има предвид фактот дека моите години не ми го дозволуваат тоа, но овие реченици ги изговорив. Бев пионер. Помина многу време од тогаш. Забот на времето си го направи своето. Изеде буквално сѐ. Најпрво вистинските вредности. Отсекогаш сум бил противник на  колективното размислување, колективните одлуки и колективната одговорност.

Како либералдемократ логично е дека воопшто не сум приврзаник на социјализмот, но денешнава македонска демократија ни оддалеку не само што не е поразлична туку е  и полоша. Денес имаме политички затвореници а немаме пионери, имаме многу медиуми ама само една поента, многу новинари но не и критика, условна демократија но далеку полоша од декларативната во социјализмот. Можеби ќе прашате каде е тука либералната демократијата да помогне? Но, дали некој се прашал што може либералната демократијата да направи за човечката слобода ако самиот човек не ја сака?. Што може либералната демократијата да направи за приватниот сектор кога самиот гласно аплаудира против себе си? Што може либералната демократија да направи за лекарите, кога и самите штрајкуваат едни против други?. Коректно е да се признае дека интелектуалците се најголемите виновници за ваквата состојба, иако припаѓам на интелектуалната фела. Масата народ од секогаш тргувала поправедно и почесно и што е најважно со чувства.

Мојата генерација чинам дека дека беше една од последните генерации пионери. Бевме генерација која одеше на натпревари, носеше награди, осудуваше насилство. Генерација која едвај чекаше да дојде Бајрам за баклава или Велигден за бојадисано јајце. Многу брзо после тоа станавме генерација на неизбежната монтка и брендираните патики. Како што поминуваше времето станувавме генерација на автомобили и мобилни телефони, за денес да бидеме најневработената генерација. Станавме најмолчеливата генерација. Исплашени, многу немоќни, спремни за компромис по секоја цена. Во меѓувреме дозволивме да ни шефуваат оние кои беа со најслаб просек во генерација, оние кои немаат никакво минато, дури ни лошо. Оние кои функционираат по принципот печурка. Малку влага, малку топлина и ете ги на површина. Општествената корист од истите  е еквивалентна на нула, затоа што најмногу од нив се отровни. Реално, доколку не беше големата машинерија зад нив, повеќе од сигурно е дека говори ќе држеа само на сопствените слави и имендени, под  претпоставка родителите да не ги принудувале  рано да си легнуваат. Денес повеќе од очигледно е дека пионериве биле поголеми демократи од печуркиве.

Но, сѐ уште има  еден мал простор, токму баш кај новите генераци. Нивната посебност ја враќа желбата за ваков текст. Оваа нека биде порака  до сите нив. Нѐ смеат да дозволат некој да им го понижува трудот, интелектот и посебноста. Факт е дека мојата генерација не е престарена, но факт е и тоа дека до сега сме учествувале на многу изборни циклуси, и нормално имаме поголема одговорност од помладите  од нас.

Заради тоа, посакувам нашите грешки да бидат ваши упатства за тоа како нѐ треба. Нашата плашливост нека биде ваша храброст. Никој нѐ може ништо да ви направи ако сте заедно. Немој да дозволите да живеете во “знаме” држава, живејте во космосот, не бидете пуританци нити двојни моралисти, иако најголем дел од вашите учители се баш тоа. Најважно од сѐ е да не стоите на страна. Така само им олеснувате на непринципиелните. Правете грешки, тоа е човечки, но секогаш имајте концепт и цел. Ова е ваше време, не е важно дали е добро или лошо, ваше ѐ. Непрекидно спорете се, дебатирајте, бидете политички информирани. Морам да избанализирам, со цел да се постигне поентата. Знамињата, лажниот патриотизам и национализмот не можат да го платат лечењето на вашите родители, вашето образование, вашата прослава или нечиј погреб. Најважното e да нe дозволите да ја рецитирате денешната партиска заклетва, која ја напишав како пародија на пионерската но за жал, многу блиску до вистината која гласи:” денес кога станувам партиски војник, давам принуден збор дека ќе работам само за интересот на партијата, а најчесто користена реченица ќе ми биде дека се е интерес, дека  декларативно ќе ја сакам татковината само со песни, националистички изјави, дека нема ништо да почитувам освен партискиот шеф кој сака само следен мандат и дека постојано ќе работам на рушењето на меѓунационалните односи.

На самиот крај, нека Волтер и неговата мисла: „Не се согласувам со твоето мислење, но до смрт ќе го бранам твоето право да го изразиш!“ биде ваша заклетва. Новата заклетва.
 
п.с Мотив беше 29-ти, а поривот е многу, многу стар

Дејан Блажески
(авторот е докторант од областа на економските науки)

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.