Елката има и ненакитена страна, онаа страна што не се гледа на прва, што е свртена кон ѕидот. Такви елки китат многумина. Многумина, пак, не ги забележуваат пораките од така накитените елки. Таквите елки ја симболизираат лицемерната еуфорија и фасадерската кичеста среќа на сопственикот. За жал, најчесто и’ се потсмеваме на скромно накитената елка, а и’ се восхитуваме на пренатрупана од сите страни елка, елка празна од страната на ѕидот… Како елките, така се украсуваат и луѓето. Така тие ни го украсуваат и животот.

Да не се лажеме: денес украсувањето елка е луксуз, но за промена, погледнете од страната на ѕидот, поставете ја елката централно. Нека биде скромна, ама реална. Веќе не може со сила да се сокријат немаштијата и тагата на божиќното дрво. А ни велеа дека е симбол на надеж и среќа. Кинеските продавници иж дадоа на елката можност, но не и стандард. И да, ќе заборавев, имајте поголема почит кон оние поскромните елки, подеднакво украсени без сомнителни пари, без сомнителни желби и некакви/никакви подароци за немоќните…

Во овој период, пред повеќе од веќе три години, бев во Н.Р.Кина. Таму ги напишав овие неколку реченици за колумната, а сосема случајно повторно „ги открив“ пред една година. Лани ми текна колку кичесто беше украсен Пекинг и како му се потсмевав, а тој веројатно умираше од смеење – кој кому му се смее. Денес, пак, не сфаќам зошто сум имал толку строга перцепција при опсервирање на работите. Се надевам, повеќе рационална отколку негативна.

Денеска, после сериозните искуства, прилики и неприлики во 2016 -тата, огромната радост и тага,… совршено ми е јасно дека секој момент треба да се прослави, во која и да било констелација на работите. Малку изнудена среќа не е на одмет. Ве потсетувам да не заборавате дека од 2016 – тата сите лузни се Ваши – и тие од тага и тие од радост. Само Ваши! Одиме понатаму, лудост е желбата да се сопре или забрза времето. Да сакаш пак да се врати, е состојба на умот. Што и да посакаш од ова, не заборавај дека е нелогично, нерационално, непрактично. Не заборавај дека времето тече од мигот, а само нему си му сопственик, стопан, капиталец.

Убави мигови, добро здравје и многу среќа! Среќни празници и погледни наоколку. Не разгледувај, туку помогни токму таму со “новогодишна “милостина и насмевка. Некој сигурно чека нешто од Тебе. Сигурно! Се читаме, ГРАДЕ во 2017.

Дејан Блажески  

Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите