Тешко е да се признае, дека како нација сме едни од најлакомите конзументи на теориите на заговор, дегустатори на секокав вид неквалитетни и тривијални приказни со константен глад за ЛАГАТА. Последно нешто што сакаме да го слушаме е ВИСТИНАТА. Убеден сум дека денес имаме паметна лага која страшно наликува на вистина, напумпана содржински, кратка за големо коментирање, но доволно долга за  паметење.
Никако да се изначудам, зошто луѓето сеуште ја голтаат спин-транзиционата приказна,односно олицетворението на паметната лага, напудрена со неморална прашина. Еден млад функционер од цетралната власт, во својата последна колумна, иако истиот долги години, живеел во еден поранешен систем, школуван од ‘комунистичките плати’ на неговите родители, без никаков респект плука на минатото. Не дека сакам некого лично да нападнам, но никако не можам да разберам како еден млад човек , може да има толку отров, кон нешто што практично не го познава. Иако сакам да потенцирам дека најмладата гарнитура на оваа млада власт, е се само не новина. Затоа што најголем дел од нив беа функционери и активни, во некои поранешни влади. По нивниот терк, во служба на глупавата лага, топло ви пропорачувам да ги погледнете архивите.
Вистина е дека, најголемите патриоти на оваа земја, никогаш не ги слушнав да зборуваат за иднината. Каков парадокс, така ли се сака сопствениот народ? Сите поранешни херои, чие име често го злоупотребувате, пред се биле визионери. Повеќе од сигурно е дека барале подобро утре со револуционерство, визионерство, како и  борба со тогаш  актуелните кодоши. АКТУЕЛНИТЕ, не поранешните. Вашето сквернавење на минатото со спин- лустрацијата, дефинитивно е без поентаи со многу друга цел. На крајот на денот, јас никако да ви поверувам дека некој е кодош затоа што ги преферирам аргументите, место ‘аџиевскиот тенденционизам’, кој веројатно заборава дека некогаш и негде истиот тој ќе биде соочен со правото, без оглед на кривините денес.
Ние веројатно сме едни од ретките кои вистината ја сметаат за глупава, спроти паметната лага. Вистината е дека, Делчев преферирал културен натпревар меѓу народите, за разлика  ваша страна наметнатиот канибалски напревар. Александар Македонски кој бил визионер, со поглед кон светот, за жал, денес треба да ја брани вашата плоштадна бизнис визија со восочни мермерни и бронзени моменти. Понекогаш страшно ме боли, кога ги гледам бронзените визионери и ревиулиционери, чиј таргет бил светот, денес да бидат  дел од еден мал набиен простор, по теркот на еден кинески кварт. Кинески кварт 2014. Вистината е дека, секој дел од нивното тело ме потсетува, поради цената на чинење,  на тоа колку млади животи ќе се спасеа, колку глади усти ќе се нахранеа, колку поважни проекти ќе се направеа. Ако вистински ги почитуваме нив и нивните дела, тогаш убеден сум дека сите овие херои ќе не разбереа,доколку ги оставевме за подоцна и ги ставевме  во поголем простор, затоа што историјата докажа дека нивните пориви се достоинството, правдата и среќата на овој народ. Ова е глупавата вистина, а вашата паметна лага е дека секој кој е против овој проект е предавник. 
Глупава вистина е покачената цена на парното, покачената цена на лебот, намалената цена на човечкиот живот и прескапата специфичност. Во оваа земја, полесно се простува на лагата отколку на вистината. Ние сме одлично трезни со бокалот ракија на нашата маса, а  спремни да ја коментираме едната чашка на соседната маса. Во тој круг на кратки лаги и спинувања, глупавата вистина уште повеќе отупува, и е попијана од чашата, отколку  од бокалот.
Без оглед на се, колку и да е паметна лагата јас страшно ја почитувам глупавата вистина. Затоа и сакам, за крај да поставам и неколку „глупави“ прашања, во служба на „најглупавата“ македонска вистина. До каде е случајот кај Смилковско езеро?; Кој функционер од високата политика е жртва на бранот?;Што имате вклучено во потрушувачката кошничка?; Дали во март пред избори ќе ја намалите акцизата?; Дали сме во рецесија?; Дали не очекува грчкото сценарио?;Дали задолжувањето значи многу дупки во буџетот?;И, да ќе заборавев: Ќе има ли повторно ребаланс, ние тврдевме вие негиравте, е па ајде де, кажете?!..Глупави сме…….
Дејан Блажески
                                                                                                     Либерално Демократска Партија
(авторот е докорант од областа на економските науки)
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни не се ставови на OhridNews, туку се ставови на авторите и редакцијата на ел. весник не сноси одоговорност за содржината на истите.