

Од луѓето што ги запознав ова лето беше и еден млад Американец, кој е за прв пат дојден во Македонија, а по професија банкар. Дојден беше тука заедно со неговата свршеница. Таа е девојка од Охрид која уште од средно, фамилијарно емигрирале во Америка. Муабетот со банкарот го почнавме за тоа што му се допаѓа тука кај нас и скоро секоја реченица му почнуваше со суперлативи. Ми кажуваше дека Охрид бил вистински рај за него и како го чека неговото пензионирање за да може слободно и многу евтино да ги троши неговите пензиски пари во “рајот”. Правевме муабет за тоа колку е среќен што сите луѓе кои шетаат по чаршија се “бели” и за тоа како е можно да нема Мексиканци, црнци, Азијци и за тоа колку безбедно и сигурно се чувствувал шетајки низ Охрид. До некаде ја разбирам неговата параноја и страв ама цело време додека траеше неговиот престој се трудев да не му ја покажам нашата параноја и да не му го кажам нашиот страв. Обично кога ќе дојде некој странец ние во 5 минути му ги кажуваме сите проблем што ги имаме со Грците, Албанците, Бугарите, Србите…па си реков, зошто да го малтретирам, не е дојден да ни ги слуша проблемите. Се трудев, покрај тоа што постојано критикувам, овој пат да пофалам нешто. Видов дека неговата свршеница не му ја раскажала македонската историја и сите работи кои се значајни за Охрид па се обидов накратко, но концизно да му раскажам кои се нашите радости и вредности. И на крај, откако ме слушна што имам да му раскажам, тој ми даде една забелешка. Ми рече дека без разлика на тоа што ние Македонците сме многу весел и гостопримлив народ, премногу сме мислеле со негативна енергија. Џабе ни била радоста која ја имаме цело време кога сме со премногу негативна енергија. Јас пак, уште пред тој да почне да ми ја предава неговата “западњачка” филозофија за позитивното мислење, помислив на милион причини, зошто ние македонците мислиме негативно. И вие да бевте на мое место, сигурен сум дека скоро на истите работи ќе помислевте. И “Банкарчето” почна да ми филозофира што значи да се мисли позитивно и кои се придобивките на таа филозофија. Тој немаше никаква намера да ми пере мозок или пак нешто слично. Едноставно сакаше да ми каже како неговиот живот станал подобар, посреќен и се разбира, подобро платен откако почнал да мисли позитивно. Ми кажуваше дека животот е премногу краток па зошто да го поминеме со негативна енергија? Доколку имаме планови и цели во животот, треба само да мислиме позитивно и се ќе си дојде на свое место. Сите наши планови и желби ќе се остварат па после нема да имаме потреба пола живот да го поминеме во фрустрација заради неостварените желби и планови што сме ги имале кога сме биле млади. Го слушам како ми зборува и си мислам. Добро бе, што не мислат нас? Зарем толку многу сме заебани, без желби, без планови? Зарем толку очајно изгледаме? Не велам дека не е во право за тоа што ми го зборуваше ама друго му е нему и друго е кај нас. Знам дека само 7% од целото македонско население се со високо образование ама не верувам дека постои барем еден Македонец кој нема планови и желби за тоа што сака да прави во животот. Македонците знаат што значи квалитетен живот. Гледаат филмови, уживаат во реклами, листаат списанија, земаат идентитети од филмски јунаци…се “едуцираат”. Најмногу се замислив со тоа “мисли позитивно”. Што значи тоа кај нас? Дали воопшто мислиме позитивно или пак друга работа е во прашање кога се работи за успех и среќа? Мислам дека единствена работа која е типична кај нас и која ни го гради успехот е “инаетот”.
Тешко е да убедиш човек чиј основен мотив е инаетот, без разлика дали свесно или несвесно го покажува. Инаетот, како главно балканска категорија е многу важен фактор за донесување на важни одлуки. Во ваква состојба се газат, забораваат, игнорираат и ги занемаруваат сите принципи на логично размислување и расудување. Тоа немаше да биде толку голем проблем доколку последиците се индивидуални. Проблемот добива во тежина кога поради тој личен инает, последиците ги чувствуваат сите. Инаетот е сила која раѓа агресија и конфликт па го правиш тонот повисок, па мафташ со раце, да не речам искри и чад има околу тебе. И се само заради сопственото убедување дека ти и твоето мислење се единствено меродавни и важат на територијата на целата ни прекрасна земјина топка. Ние вака си го градиме успехот и ги реализираме нашите планови и успеси. Од инает за другите, колку да им ги затниме устите и да им кажеме дека сме подобри од нив. Сум го почувствувал овој феномен и на своја кожа, без разлика дали јас сум “фрлал” искри и чад или некој друг ми го правел тоа мене.
Мојот одговор на забелешката од Американецот беше кажана преку еден виц. Мислев дека со поуката ќе разбере какви сме ние. Вицот оди вака :
Кога Господ го создавал “Рајот” на Земјата, дошол и Луцифер да направи “чашит” посета и да види што има направено и на тоа не дал никаков коментар. Само го повикал Господ да дојде и да му се пофали што направил тој самиот. Застанале на Галичица и го гледаат Охрид и неговата околина. Господ почнал да се восхитува и не му се верувало како Луцифер можел да направи толку убаво нешто. На крај го прашал од каде добил инспирација за да направи такво ремек дело. А, Луцифер на тоа му одговоил : Батали ти тоа убавината, туку да видиш какви луѓе ќе населам тука!
Сакам да кажам дека и Луцифер го цитира Светото писмо за свои потреби, а ние луѓето секогаш кога сме во незгода му се молиме на Господ на помош ама никој од нас не сака да оди кај него. Градот Охрид не е град само за некои поединци, туку е од сите граѓани. Сите треба да учествуваме во напредувањето со цел да го развиеме како достоен пример за среден град. Ама од среден нема ни С.
Илија Пиперкоски
Авторот е режисер
[email protected]










