Работнава недела што изминува, ја одбележаа сериозни напади на она за кое непрестајно се борам, а тоа е  младоста. На еден телевизиски формат, кој не е по мој вкус, гостуваше еден млад човек од најголемата опозициона партија. Вниманието ми го задржа благодарение на нашиот, генерално, војаерски балкански ген. Гледав телевизиско шоу,  во кое младиот социјалдемократ, не убедуваше дека сите ние треба да се чувствуваме како ВМРО, но истиот тој со евидентна неинформираност за добро познатата мисла на Гоце Делчев:”Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква, поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата”. Решил да биде разочаран од својата партија, тогаш кога ги изгубија изборите, не водејќи сметка за сопствената одговорност, која произлегувала  од  неговата тогашна функција. Каква неборбеност, за еден млад човек. Жално.

Но, не ми е тоа поентата. Кога атрактивноста на оваа емисија беше сведена на претурање по валканиот веш од  најголемата опозициона  партија, за кој неспорно е дека го има,  во мене се пробуди чувството дека  повторно  политичарите не бирајќи средства и начин решиле да упропастат уште една млада кариера. Никој не помисли дека оваа млада личност, допрва треба да ги гради своите професионални успеси. Тие кои  го ангажирале, ги интересирал само бенефитот од неговите искази врз нивните рејтинзи. Никој, во пресметката не го ставил, духовното трошење на личноста како и последиците со кои ќе се соочи во иднина. Ве молам,  ова да не  биде сфатено дека и јас сум во редот на оние кои ќе плукаат по нелојалноста на младиов господин. Напротив, се борев со себе да ја почитувам храброста, но не можев, кога негов  порив очиглено е дека се личните договарања, а не  правдата и вистината. Сигурно си го поставувате прашањето зошто пишувам за ова? Затоа што, никој веќе не води грижа за политичките условно кажано, самоубиства, на вака “невините” млади кадри. Без оглед на тоа дали се центар, левичари или десничари.

Оваа  недела,  мојот пријател  и сооученик ја изгуби  битката со тешката болест. За неговиот ментален капацитет зборуваа многу признанија, натпревари со кои и тоа како придонсе во подигнување на рејтингот на престижното средно училиште во кое се школуваше. Политички избраните раководители на оваа институција немаа сенс за тоа  дека требаше делегациски да се појават и да оддадат почит. Никако да ја сфатат нивната  институционална обрвска. Знете, не им беше важно. Oвде не можеа да ја остварат својата политичка парада. Можеби звучи сурово, но доколку ова беше погреб на некој кој се бави со политика, веднаш ќе се сместеа, со намонтирано ужалени лица во првите редови, шетајќи ги новите сончани очила,скапи букети, и сето тоа купено со пари од народот. Но, ве молам, следен пат кога  ќе мавтате со признанијата од туѓиот труд, помислете дали  сте дале  доволно почит  и разбирање, за употреба на истото во кампањите. Не станува збор за  барање сожалување. Повеќе од сигурно е дека нечива политичка неактивност, е виновникот за ваквиот третман. Знам дека е болно, но некој мора да проговори за истото. Се извинувам поради мојата емотивна жичка во овој дел, од колкумнава.

Дека не сум хејтерски расположен(свесна употреба на жаргон, кој го користат младите),  во оваа недела која изминува, мои херои се  младите средношколци Никола Таштаноски и Бранка Бунташеска и  нивниот  уникатен проект со кој успеаа да станат финалисти на интернационалната средношколска натпреварувачка олимпијада за заштита на животната средина. Овие млади луѓе се соочуваат со најодвратната реалност на оваа замја. Наспроти многуте реклами за иновативност, тие немаат доволно средства да учествуваат на ова натпреварување. Во оваа држава има пари за валканите кампањи на политичарите, но нема средства за интелектуалната младост. На,  огромна жал за сите нас, во оваа земја е многу поважно внатрешно партиското прашање за кадровски промени, како и рејтинзите на партииите во весниците,  отколку прашањата на луѓето од кои општеството има огромна корист.

За крај, не само изминатава недела, туку целиот овај период младоста се злоупотребува политички.  Како може да се очекува младоста да го положи тестот на демократијата, кога политиката и институциите одамна погрешно ги формулираат прашањата. Тоа заликува на новиот систем на образование кој лови незнаење, а не продукција на знаење. Чувството дека кафезот е поставен е присутно, но дали третманот кон нас ќе не натера сите да заличиме на нашите предци според дарвиновата теорија?.

На прагот од едно долго топло лето, коe треба да значи одлични можности за сите, во економска, интелектуална и социјална смисла, жално е  да се размислува за променливава климактерична пролет, во политичка смисла.

п.с ОО ЛДП од Охрид, беше прва од политичките партии на локално ниво, која им го даде медиумскиот простор на младите. Иако бевме предмет на потсмев, нашата борба очигледно е дека не била залудна. Денес гледам како младите кадри во другите партии постепено го добиваат местото на говорницата, што е за поздравување. Може да ви звучи суетно, но ова го зборуваат фактите. Прифаќањето на стандардите поставени од наша страна и тоа како импонира.

Дејан Блажески
Либерално Демократска Партија

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни не се ставови на OhridNews, туку се ставови на авторите и редакцијата на ел. весник не сноси одоговорност за содржината на истите.