Љубовта е неверство. Љубовта е страдање. Љубовта е грев. Љубовта е навика. Љубовта е себичност. Љубовта е надеж. Љубовта е болка. Љубовта е смрт. Што е љубовта ? Љубовта е кучка.
Колку и да се трудам да ја дефинирам љубовта, никогаш нема да и дадам правилна дефиниција, затоа што таква не постои. Сите на различен начин ја сфаќаме и разбираме, а тоа доаѓа од начинот на кој што љубиме или сме љубеле. Љубовта на некој го боли, на друг го радува. Знам дека љубовта не се објаснува, таа се чувствува.
Пред некој ден, добив понуда да напишам едно сценарио. Темата на сценариото е сериозна така што, не прифатив да го пишувам сценариото се додека не направам истражување и добра документација за темата и идејата на филмот. Се работи за еден човек кој ја губи својата жена и после нејзината смрт на милион начини се обидува да ја врати назад за да биде со неа. Темава милион пати е веќе видена и направена, па се мислам што можам јас да додам и сменам на желбата за вечен живот ?
Имам еден другар на кој најчетсто му ги раскажувам приказните и му ги кажувам идеите. Другар ми е обичен лаик за филмската индустрија и абер нема за сценарија, режија, камера…туку е обичен филмски фан. Дури му ја раскажував идејата за филмот, цело време имаше некоја згужвано – песимистичка фаца и на крај ми рече дека идејата на сценариото и мојата замисла како автор е супер, само проблемот на целиот филм е во тоа што филмот ќе биде за “gus who can’t handle death” (луѓе кои не можат да се справат со смртта). Јас, до негде се сложувам со неговото мислење но разликата помеѓу нас е тоа што јас, тоа го гледам како реален проблем на секој човек, односно одговорот што му го дадов беше “who does heandle it?” (А, кој може да се справи со смртта ?)

Почнав да ги прашувам моите најблиски, дали постои ”вечна љубов“, и ако таа не постои, тогаш, -”Колку пати можеш да сакаш? “ и “Што значи за многумина од нас љубовта ? Ги прашував дали можат да љубат една личност до крајот на животот? и дали љубовта е во почетокот на врската, а после се преминува во облик на пријателство, приврзаност, лојалноста, навика…?
Добивав различни одговори ама кај сите чувствував една работа. Чувствував страв од веќе познат крај. Сме биле исти пред 10 000 години и такви ќе останиме и во наредните 10 000 години. Единствената работа што ќе ни се смени е технологијата и навиките околу неа. А, љубовта, омразата, тагата, одмаздата, лагата, стравот, гревот…ќе останат со нас и ќе бидат дел од нашиот пат. Добив еден одговор, од една личност која е убедена дека не постои вечна љубов и дека се е прашање на навика и поврзаност. Ја познавам личноста која буквално живееше за љубовта, веруваше во неа, дека може да трае цел живот ама веќе не мисли така затоа што како што ми има кажано, неколку пати се има изгорено и за секогаш и се сменија нејзините ставови. Не можам ништо да речам за нејзиниот слаб карактер ама најдов и други нејзини истомисленици. Луѓе што ми кажуваа дека нивните баби и дедовци не останале заедно заради чиста љубов. Можеби останале заради разбирање, навика, формирано семејство, заради околина и пријателите. Ми кажаа дека кога тогаш љубовта ќе избледи, ке прејде во навика, а во староста останува само разговорот. Затоа викаат, “ Пробај да можеш со партенерот да разговараш затоа што само тоа ќе ти остане на стари години “, а староста е многу заебана работа. Од сексот ништо, а од физичката привлечност пак ич. Ќе си имаш друштво се додека не умреш, а пред да умреш, ке живееш во носталгија, со муабетот, “ Памтиш кога бевме на одмор, на работа…”

Љубовта е како цвеќе. Го полеваш, а тоа расте и се развива. Ако не го скинеш, тоа ќе расте и ќе живее, можеби не со иста убавина (читај интензитет) кога било помладо, но сепак привлечно, со свои приказни зад себе. Многу пати имам кажано дека се си има свој почеток и свој крај на овој свет. Сите знаеме дека се е минливо, па така е и со љубовта. За да се има “вечна љубов“, треба вечен живот, а вечен живот нема. Така да, љубовта може да трае само еден дел од вечноста т.е. еден цел живот. Го памитите она “ Заедно додека смртта не, не раздели!” Вечната љубовта постои. Без неа нашето секојдневие би било безмислено, а исто така и нашиот живот.

Дај Боже, никогаш да не изгасне љубовта која ја имам за да можам, еден ден да се вбројам во малкумината кои ќе може да речат – мојот живот е љубов.
п.с. Оваа колумна ја посветувам на сите кои што се во двоумење за да се стави крајот на една врска. Имајте трпение, вложувајте во љубовта и на крај ако видите дека не оди, ич да не му ја мислите. Земајте ги торбите (се разбира, доколку живеете заедно) и барајте ја на друго место вашата среќа. Сигурно надвор има некој подобар што ја заслужува вашата љубов.










