Пред да го напишам текстот се трудам да живеам со него неколку дена, да го прележам, преболам. Постојано се прашувам дали вреди да сум јас фронтот, дали вреди да сум јас тој кој ќе каже нешто гласно на говорница без подлизување, дали во оваа колумна вреди да бидам искрен. Денес, мојата пресметливост кулминраше. Смешно…..

Се јавив кај еден пријател да го прашам дали мисли дека е паметно да пишувам за она што се случува во неговата фела, односно кај новинаите . Нормално, немаше намера да ми одговори затоa што знае дека не слушам, а за воља на вистината не ни почекав што има да ми каже само кратко му реков штом те прашувам значи дека сум на прав пат. Секое следно размислување е клалкулирање и подлизување.

Имам чувство дека морам да бидам солидарен со оние кои и тоа како учествуваат во промоција на нашето политичко дејствување.Повеќе од очигледно е дека деструктивниот начин на функционирање изминативе години ги дотолчи им ги помести критериумите, ги падна економски и морално на колена. Принципот, награди го најгласниот што изнудува , непочутувај го професионалниот и замолчи го аргументираниот критичар го урниса новинарското достоинство.Во меѓувреме се продолжува со купување на порталите, се нарачуваат текстови, се хранат токму оние кои претходно добро фекално се празнеле на се она што или немало моќ да ги купи или пак на се она што претходникот за следбеников го нарачал. Во тој маѓепсан круг едните си обезбедија доволно респект кога константо плукаа по опозицијата а другиве пак со својот дрзок пристап се нудеа со цел финансиски да ги замолчат.

За жал, во фаза на изумирање се оние кои сакаат непристрасно да ве информираат, оние кои имаа доблест да кажат каде им се границите во моментите и кога им се нудат договори и соработка.. Има одлични, чесни и доблесни. Со огромен респект ги поздравувам и кога ќе ги сретнам и во оваа колумна. Слободата медиумите и новинарите ќе ја добијат само тогаш кога стопанството ќе се остави слободно да дише и истото ќе може да се рекламира каде сака без предходни препораки и ограничувања.Истовремено, може и најважно кога квази новинарите ќе нема кој да ги храни.Но, кој да има трпение.
Сепак не смееме да заборазивме во голем дел од вината за ваквото морално пропаѓање ја носат многу ваши колеги. Поточно оние кои прифативте да ви бидат колеги.Покрај другото, дел од вас станаа сервис на партиските порпароли. Место тие да имаат трема од вас, вие имате трема од нив. Место тие да ве молат за изјава вие го правите тоа. Дали не добивате нагон за повраќање кога една новинарка го прашува соговорникот кога ќе продолжите со пресови затоа што и недостасувале? До каде оди ова лудило, и недостасувале пресови од кампања?.Дали некој се сеќава како една новинарка известуваше од митинзите, како мафташе со микрофонот, како таа да беше задолжена да прогласи победа не да информира. Кој после сам се нуди? Каде е овде професионалноста и во однесувањето и во известувањето?Каде бевте кога нападнаа една ваша колешка?

Ова не е гнев, ова е желба за квалитетен наслов, за квалитетна новинарскаа приказна, за нешто што ќе одгатне многу повеќе од она на што навикнавме да го слушаме и гледаме.Ова е поддршка за вистински новинар. Јасно е дека целата новинарска фела е згазена и од сопствениците на медиумите .Сопствениците пак од партиските наредбодаватели. Дел згазени дел сами понудени за продажба.Но ,можеме заедно и ние во политиката кои не ‘шибицариме’ и вие кои сте за професионализам заедно да го кренеме гласот, да прашуваме, истражуваме, Има многу теми. На пример, подобро да истражувате како негативно ќе се одрази на туризмот одлуката која се донесе за забрането движење на пловните објекти после 21 часот, наводно со цел да се намалело рибокрадството(еден пријател на социјалните мрежи напиша дека по таа логика треба да се забрани сексот за да се спречи СИДА), отколку да пишувате за наезда од глувци. Логично е нели. Ве пашувам дали некој од вас отиде и направи барем еден обичен разговор со некој од малтретираните луѓе вработени во администрацијата, со оние кои се жртва на политиката?
И, не ме изненадува мојот и вашиот умор , ако се има предвид дека по оваа колумна или вие по некој ваш текст утре ке бидеме на улица, во директен судар се сечие мислење.Во конфликт со партиските мудреци, во полемика со истите различномисленици, во кохезија со застанатото време. Но, сепак знам дека на професионалците ги води желбата- да се направи барем доволно малку за пристојно многу .

На кројот,претходната реченица полна со оксиморони е само еден глупав и наивен порив за да поченме да се однесуваме на ниво на задачата.Ако во дамнешните времиња секоја Гејша пред да учествувала во љубовниот чин се измивала, не рабирам зошто денес многумина кога веќе се решиле да се ‘гејшираат ‘ барем најмалку што можат е претходно да се измијат. Како сакате сфатете, но за да биде јасно до крај на сите и тоа како ни е потребно ментално- морално измивање.

Дејан Блажески
Либерално демократска партија
(авторот е докторант од областа на економските науки)

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.