Колку е тежок зборот извини? За некој, овој збор нема никаква вредност и не означува ништо, бидејќи тие луѓе се “безгрешни”. Знам еден куп луѓе кои се лажат прво себеси, а после другите дека не грешат и затоа немаат потреба да го кажат тој збор. Барањето прошка за некои од нив е знак на слабост, ранливост…Tоа го доживуваат како уништување на својата самопочит. Тие не сакаат и не можат да поднесат да не се во право. За нив тоа не е знак за компетентност.  Затоа попрво избираат да бидат некултурни отколку отворено да зборуваат за своите маани. Има и други луѓе кои го кажуваат тој збор “ради-реда”, за да избегнат да се прикажат во такво светло, тие бираат да ја избегнуваат непријатноста, колку да си помине на ред и да не се продлабочува муабетот или ситуацијата во која се наоѓаат. Го кажуваат зборот, а не го мислат и во иднина пак ги прават истите грешки.

Постои и уште една група на луѓе, кои стварно и искрено го велат тој збор извини. Тие луѓе се соочиле својата грешка и во себе си бараат покајание и од другите простување. Искрено жалат за направеното и бараат да им се даде уште една шанса. Понекогаш дури и молат за таа шанса. А, тој што бара да му биде простено, не кажува излишни зборови и не бара нешто непотребно, туку го познава и местото и времето и начинот, и го бара она што е соодветно и полезно за неговата душа. Е сега, таа група на луѓе се соочува со еден проблем. Проблем е во дали нивното извини ќе биде искрено сватено па простено од страна на личноста на која и згрешиле. Моето животно искуство ме научило дека простувањето ја има поголемата одговорност од извинувањето. Таа одговорност значи да се сврти нов лист па да се гради подобро заедничкиот соживот. Да се простат грешките. Прво да си простиме самите себе си, па после на тој што ни згрешил. Ретко кој од нас пред да направи нешто, размислува за последиците.

А, денес, сè што се случува е со причина, без разлика дали тие грешки се за да направат некому лошо значат и штета, или тие луѓе не се свесни за штетите и последиците што ги носат – Но некој мора да плати за своите грешки. Прашањето кои мнозинството од нас си ги прашуваме,  е дали сме спремни за покајание. Сигурно јасно ви е дека, секој жив човек направил и прави грешки во својот живот, затоа и сме луѓе, и ова е начинот на кој учиме и растеме, начинот на кој менуваме или се менуваме, но ви изгледа доста тешко (многу, многу тешко) да си простите сами себе си. Простувањето на самите себе е можеби една од најтешките задачи воопшто во човечкото искуство… кога имаме згрешено некому, или за нешто, потребно е многу сила за да се продолжи понатаму или да не се поставуваме лошо кон себе си.

Сите ние сме заглавени меѓу два светови: свет на своите идеали и соништа и на реалниот свет, каде што акциите се непоправливи грешки и во никој случај не можат да бидат поправени. Но едно да знаете, доколку оставиме да покаже времето што ќе се случи со нас понатаму и демек времето ќе ги поправи нештата, дури тогаш ништо не сме направиле. времето не се враќа назад, времето оди напред и уништува се. Доколку не побараме да ни биде простено, се што предходно сме направиле како компромис и сме се разбирале, заминало во неповрат.

Овде се наметнува прашањето: од каде е таа потреба, во нас самите, да создаваме лажни светови, да не сакаме да ја погледнеме стварноста онаква каква што е!? Една од многуте причини се однесуваат на нашата вродена страст за поседување моќ. Голем број од нашите комплекси и фрустрации ги компензираме низ поседувањето моќ и нејзиното манифестирање во средината во која работиме и живееме. Страста за моќ до таа мера може да не’ заслепи што почнуваме да не ја разликуваме лагата од вистината. Друга причина е нашата ограниченоста на нашите интелектуални капацитети. Не можејќи да ги погледнеме општествените процеси во нивната целосност и далекувидост, често пати и не сме свесни за застрашувачките последици од потезите што ги преземаме. И на крај доаѓа нашата нарцисоидност и несамокритичност. Многумина мислат дека се од бог дадени да бидат на самиот врв на општествениот живот, односно дека тие се најдобри и вечни при извршувањето на најсложените општествени задачи. Ретко кога се прашуваат дали поседуваат соодветни квалитети за нивното извршување и дали некој друг тие задачи може подобро да ги исполни од нив.

Деновиве внимателно ги анализирам капацитет на човечко суштество да толерира и да се разбере со другите. Колку внимаваме за потребите од другите како и за нивните чувства? Премалку. Разбрав дека нашата главна “болест” е себичност. Ние избравме да не гледаме и слушаме околу нас. Само ние сме важни. Да не бидеме повредени. Значи, на крајот, ние знаеме што правиме – ние сме по нашиот пат, по нашите сопствени идеали и ја негуваме нашата глад за власт (доминација над други, нон стоп гладни за пари, жени-мажи, коцка, алкохол, дроги, изневерувања, шопинг, излегување…). Но кога сме прекинати, ни е уништена илузијата по која гладни трчавме да ја достигнеме. Сите овие работи ме донесоа до еден едноставен, но тежок збор: самотија. Низ историјата, во текот на војните и конфликти, во текот на нашиот секојдневен живот и во сите наши односи и неодноси, секој од нас е сам. И во оваа осаменост, наоѓаме друг да не лечи од борбите. Денес луѓето не се свесни за грешките кои ги прават додека не ги почувствуваат на своја кожа. Луѓето не знаат да учат од туѓите грешки, па дури ни од сопствените. Прават и мислат зло додека не ги стигне казната, која неизбежно доаѓа како бумеранг. За некои порано, за некои покасно. И поголемиот дел од времето го правиме погрешниот избор и страдаме од последиците.

Понекогаш не можеме да ги контролираме сите работи без разлика на тоа колкава е нашата моќ и сила. Има многу причини за да немаме контрола и многу последици кои се својствени за процесот на акција и реакција. А, знам дека причината и последицата се описи на различни стадиуми на времето што следува; она што се случува порано, се претпоставува како причина, а она што следува потоа, се претпоставува како последица. Но, кога времето би се свртело, тогаш последицата ќе стане причина, а причината последица. Што значи ова? Значи дека универзумот е еден и дека секој дел зависи од другиот, дека секој феномен е поврзан со другите феномени, дека ништо не може да се измени, а да не се измени целината. Секој од нас е роден со причина или со последица. Ние самите сме последиците од бесконечна серија на одлуки, без разлика на тоа дали се лично наши или туѓи. А понекогаш, на туѓите одлуки, ние сме само една колатерална штета. А, тргнувајќи од фактот дека во себе сме се родиле на параметрите на нашето постоење: семејството, религијата, време, простор – овие се фактите дека ние мора да ги прифатиме, а и да живееме со нив.

Додека ги читате овие редови, јас молам да би биде простено. Премногу згрешив и повредив многу луѓе кои секогаш ми мислеле добро. Многу доцна ми текнаа еден куп работи за кои сега молам да ми се вратат. Но што ми останува друго освен да живеам со надеж дека моето покајание ќе биде разбрано и ќе ми биде дадена шанса за јас одново да се родам. Една од најдобрите личности кои ги имам запознаено во мојот живот и која ме научи што значи да се љуби, ми кажа дека за нешто кое треба да се случи, да се одржи, да опстои во реалност, ние треба да веруваме во тоа. Бидејки ако уште сега тргнеме со помислата дека времето ќе уништи се, тогаш да не почнуваме ништо. Бидејќи таа помисла ќе живее во нашата потсвест и цело време ќе се развива…дека така треба да биде и дека е неизбежно. Ќе се случи една мала ситница и таа мисла која потсвесно живее во нас, ќе излезе на површина. Е дури тогаш времето ќе ни уништи се. Сите стравови што ги имаме во нашата потсвест, ќе ни се случат и ние нема да знаеме како да се соочиме со тоа. Бидите сигурни, се што сте постигнале до сега, сигурно било резултат на тоа што сте верувале во себе и сте знаеле дека можете да успеете. Длабоко во вас ве водела таа мисла и сте успеала. Затоа мислам дека ако сте сигурни во нештата кои ги сакате и во кои верувате, ништо не е невозможно. Соберете сила за да речете извини или да простите ако некој ви го побара тоа. Некој би променал и судбина за да му биде простено.

Таа личност ме научи исто така да простувам и секогаш ќе простувам. Ме научи да правам жртви со една цел. А таа цел, е идејата за која верувам. Многу брзо ми поминува лутината, и брзо заборавам доколку е некоја банална работа. Знам дека само оние слабите не можат да простуваат. Простувањето е одлика на силните личности. Човечки е да се простува…затоа што кога простувате покрај тоа што го правите поради другиот, го правите и за себе. Простувањето ви дава мир, а со тоа нема место за негативна енергија која може само лично вас да ве уништи. Простувањето треба да биде како поништена белешка која се кине на две и се гори за никогаш да не биде покажана на ниеден човек. Поддржувам втора шанса, на секој може се да му се случи.

Верувајте дека никој не се буди чекајќи да се најде во некоја каша попара, но исто така верувајте  дека немало да се случат барем половина од работите кои сме ги направиле ако би биле во ситуација да предвидуваме што би можело да се случи. Луѓето во љубов понекогаш прават драстични, смешни работи, без разлика дали се со намера да си ја повратат саканата личност после направената збрка или се работи за нешто друго. Како шо ми кажаа “еден е умот”. Се почнува со пишувања писма, за кои подоцна жалат што ги пратиле, опсесивни телефонски повици, и покрај барањето да се прекине со било какви повици, итн. Со цел да се надмине минатото, мора да постои пред се реално прифаќање на ситуацијата, пропратено со простување на себе си, а потоа и барање прошка од другите. Прво, погледнете на вашите грешки за да разберете зошто сте ги направиле, потоа побарајте решение за како би продолжиле напред. Можеби не сте размислиле доволно за тоа какви ќе бидат последиците од вашите постапки, но и повеќето од нас завршуваат збркани затоа што сте се одлучиле за беден избор, не сме дале доволна вредност на нешто или некого – или сме дале премногу разбирање.

Понекогаш кога ќе се појави некоја прилика, ризикуваме затоа што мислиме дека сме имале доволно контрола над се… Не сте единствени, речеси секој од нас се нашол во некоја ваква ситуција, не сте ни први ни последни. Во моментите на вина, простете си. Запомнете дека сите ние правиме грешки, од светкси лидери, познати јавни личности, до било кој друг жив човек на планетава. Да, можеби сте згрешиле, но кој не го прави тоа? Сето тоа е дел од човечкото постоење. Живеењето со вина или срам, не е живот, но со простувањете прво себе си потоа и на другите и давајќи го најдоброто од себе, од нашето однесување па се до можностите што може да се направат со она што го имаме… тоа е среќата воопшто!

Сето ова е тешко претешко за човек кој се смета за центар на светот кој само себеси се љуби, себеси се идеализира себеси жртви си принесува. И кога ќе ја увиди својата немоќ се распаѓа како црвлива мрша опкружен од темнината која ја одбрал да ја живее. Вера без дела не е вера туку филозофија. Но, за да опстане во светот без разлика колку е темен и депримирачки, колку и осамени се чувствуваме, единствената наша шанса е да се научиме повеќе за сожалувањето, сочувствителноста, помогната со трпение и која води до повисоко разбирање на животот и кон повреден начин на живеење, живеење што ги прави луѓето да бидат достоинствени суштестава. Замислете си колку би било поедноставно човекот само да си ја признае себеси, па потоа и на другите својата слабост, притоа прифаќајќи ја. Така би ги намалил апетитите на другите за потрага по неа и деструктивно би влијаел на љубопитниот нагон на намерникот.

Значи, колку порано признаам дека не сум совршен, толку помалку луѓето се мотивирани да ми го докажуваат спротивното, т.е. нема да бараат влакно во јајцето и ќе си бркаат своја работа. Денес тие што се повредени и што не можат т.е што не сакаат да простат, се неподготвени се самораководат во духовниот живот; го озборуваат, се самооправдуваат, го обвинуваат, го судат и го осудуваат оној што мислат дека ги повредил; и, ако сето тоа не им се види доволно, измислуваат големи лаги и јавно ги шират само за да му наштетат, а себеси да се оправдаат. Забораваат, заслепени од одмаздољубието или од користољубието, дека колку е поголема лагата толку е таа полесна за проверување и толку и тие самите, наместо веродостојни, излегуваат во очите на оние пред коишто лажеле многу сомнителни. Таквите никогаш не бараат прошка и не сакаат да простат. Знам дека треба да помине време за сето ова да се освести, но човек треба да работи на себе и да се покае на дело, а не уште повеќе да заглавува. Оној што сè уште се самооправдува и ги осудува другите, не може вистински да простува и да бара прошка.

Сега немам што да се изгубам. Стојам тука пред вас и молам да ми биде простено. Гладен сум само за една работа. А таа работа е како да научам да бидам подобар човек. Да знам да толерирам кога ќе треба да се толерира.  И да ми простат тие што досега ме толерираа. Да простам кога ќе треба да се прости. Имам потреба од доказ кој би ми дал до знаење дека ова шо го пишувам не е залудно. Ми треба доказ кој би ми дал сила одновно да се родам и живеејќи за моето најзначајно нешто за кое вреди да се живее. Бидејќи, ако нема за што да се умре, тогаш нема за што да се живее. Луѓето ќе заборават што сте кажале, ќе заборават што сте сториле, но никогаш нема да заборават какви чувства сте им побудиле.

п.с. ” Без разлика на тоа, дали некој ве сака, совршено е чувството да сакате некого, без оглед дали е тоа возвратено или не.”

Тоше Проески                                                                                                                                      Илија Пиперкоски
                                                                                                                                                             Авторот е филмски режисер

                                                                                                                                                             [email protected]