Инспиратор или досаден, никаков водач. Љубезен или арогантен. Сонувач или искрен. Чесен или манипулатор. Мирен глушец, или галамџија. Феномен или необјаснет талент. Лидер со чувство човечко, или груб човек. Тактичен. Визионер. Идеалист. Прагматичар или бирократ. Реалист или материјалист. Доктор или чистач. Молер или професор. Моќ или авторитет. Екстровертен или интровертен. Школован или мудар. Интелигентен или паметен. Автентичен или програмиран. Доминантен или солиден.

Кој во Охрид го има тој идеалниот Х-фактор? Кој е совршениот професионален кандидат. За да не води во бајковит Охрид. Градот што некој си од Индија сака со стотини милиони евра да ни го уништи. Добар лидер според мене има свој сон, свој правец. Со самопознание и самокритика. Тој вели: “Одиме таму и готово. Ајде со мене.” Да комуницираат со гордост. Од срце. Не очигледно со напишани зборови на лист. Да е силен и ранлив. Да признава грешки и да биде решителен.

Да има паметни пораки. Да има хумор. Да има поттик. Човек кој е преживувач, со труд и маки да е дојден до тој степен. Не да се намести само во режиран кревет. Човек со свој стил и карактер. Не само со исценирани маркетиншки компактни зборови на пресс конференции и народни митинзи. И после пак ништо за жителите. Тоа е не фер. Плитко. Лажно. Неправилно.

Ако ги слушам сите кандидати, советници и портпароли, тогаш сите од различните партии се сметаат демократи, вредни, свежи, позитивни и чесни. И сите велат дека можат слободно да се гледаат секој ден во огледало…Браво, значи сите се исти. Иста манџа. Тогаш за кого да гласаме? Да бидеме свесни дека сме заробени. Со стратегии од комуникативини експерти и работници кои точно знаат како во време на избори народот психолошки да ја прифати нивната игра. Да внимаваме да не се повредиме во очигледните стапици.

Во Македонија зборовите “чесен, искрен и чист” се веќе девуалирани. Благодарение на самите политичари во цела држава. Не ми е јасно како се решаваат кандидати за советници со добро образование, почитувани, со кариери, луѓе кои имаат достигнато нешто во живот во сосема друга професија. Каде што се сакани поради тој талент. Сега влегуваат во бунар со змии, во море со ајкули. Веднаш што имаат тие сите изградено, тоа може за секунди да им пропадне. Во политичкиот, опасен театар. И да имаат последници во нормалниот живот. Не е доволно да си борец за Охрид. Силата за политичка кариера треба да ти е животна цел, да си енергичен и да имаш многу страст за таа одговорна функција. Не само поради врски. Инаку им честитам на сите кандидати кои се решија да го направат овој голем ризик-чекор. И тоа е значајно. Да ризикуваш во животот. Не само да се возиш по солиден, сигурен пат и да избегнуваш дупки. Туку да преземиш и одговорност. Искрена почит за тоа.

Тешка борба и задача за кој и да е градоначалник. Имаме само згради, архитектонски уништен град, загадено езеро кое многу не функционира, народот е поделен, лош и тешко разочаран. И само се мамиме дека имаме толку убава држава и златен град. Да, тоа се е точно. Има 10000 пофалници. Охрид е за сите нас повеќе од само бисер. Охрид е вечно влезен во нашите коски и вени. Изгледот е прекрасен ама внатрешно во духот постепено се се уништува. Самите сме криви.

По светот има секакви ‘лидери’. Типови кои изигруваат газди, со евтини финти, кои се закануваат со непријателство, со сила, со високи казни и кои наградуват пријатели со огромни бонуси. Има и лидери, херои кои не се плашат да веслаат контра со кајчето. Кои имаат храброст да се решителни за подобра иднина за сите граѓани.

Ама моментално за Охрид е најдобро да има жена кандидат за градоначалник. За жал ова е илузија. Да победи на избори затоа што има квалитет, а не дека е жена. Живееме во 2013. Се е можно. Некоја со ‘мадиња’. Со влакна на јаките убави бели заби. Некоја што не се плаши од никого. Ниту од Бранко, ниту од Никола, Тито, ЕУ. Сакам да гласам за независна либерална типка. Културна. Страшно добра политички. Иако нема искуство. Важно да има авторитет природен. Опуштена, да е подготвена со факти, со знаење, со остри аргументи во дебати и по медиумите. Едноставно од прв поглед да и верувам. Да не ми гарантира се, само неколку работи.

Да ги смири веднаш сите сиви остарени, бавни мажи кои ги трпиме и кои ги слушаме со децении. На крај не мора да е перфектна. Не. Само да е способна и да има 200% волја за конечно вистински, паметни, реални промени. Се за народот и за убав Охрид. Госпоѓа со која можеме веднаш да се идентификуваме. Некоја што не глуми дека е интелектуалка, или видете која сум јас, некоја што не користи вештачки литературен речник во јавноста, туку обичен говор. Јасен за секого. Тоа е доволно. Точка.

Поздрав,
Влатко од Амстердам

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.