Каква земја сме ние? Се среќаваш на преминот Стража со партиски членови на Вмро Дпмне, се поздравуваш срдечно. Некои од нив ти се блиски пријатели. По само еден час возење кон главниот град, сите зафативме различни страни и протестиравме. Некој заради сопствените убедувања, некој заради правдата и демократијата, а некој заради налог од шефот. Таму во рингот, сите забораваат дека за само неколку дена ќе треба да се вратиме во нашето секојдневие. Казната која следи е многу поголема од секој фрлен камен, секое обезбедување и од секој наметнат контра протест. Вака напишав на една од социјалните мрежи. Истовремено  мислам  дека тоа е и одличен вовед за денешнава колумна, нејзина  поента и нејзин заклучок.

Налог држава како нашава не само што ќе ја снајде судбината на Атлантида, нормално не во буквална смисла, туку начинот на кој што тонеме не само што ќе не урниса, туку не ни дозволува барем достоинствено да потонеме. Последните случувања во 2012 година го открија најсуровото лице на власта која не признава друг освен оној кој и се потчинува, со прекумерна сила како што сѐ кај нив е прекумерно. Сите останавме неми пред силата која беше сокриена во гаражите под платото каде се одржуваше протестот на опозицијата. Дали власта сакаше да заплаши или мислеше да ја употреби таа оклопна сила против својот народ кој не и се приклонува? Со ваквиот начин на функционирање власта дефинитивно ја стави на увид поделбата што ја прави, потврдувајќи дека таа не е власт на целиот народ. Едниот го вработува а другиот го тепа, со едниот си обезбедува гласачко тело а другиот не и треба.

Време е да да сфатиме дека веќе не се работи за политичка војна туку за различни концепти на живот. Еден догматски и неслободен, затворен во границите на Македонија под присмотра, закани и шиканирање на неистомислениците и друг кој тежнее кон ослободување и сослушување на мислењето на граѓаните . Тие во мојата совест не се поделени во групи според политичко идеолошката мерка туку сите се соочени со борбата за подобар живот за себе и за своите деца. Се согласувам дека мнозинството, партијата или претпоставениот имаат огромна моќ над секој поединец, но никако не можам да сфатам како правници, кои посетувале исто образование и имале иста пракса може да имаат различен став кон нешто што е закон, напишано и веќе имплементирано. Закон е закон. Истото го мислам и за архитектите, лекарите и новинарите. Далеку од тоа дека барам универзалност, но факт е дека во животот постои процедура, протокол, пропис и систем. Сето останато е само слободна интерпретација, која е одлична како креативна форма, но никако не смее да се дозволи нејзина институционална примена. Како никогаш до сега оваа земја немала потреба од сите кои не трпат налози и надмено однесување. Ова е време кога повеќе од секогаш немаме време.

Покрај другото, одвратно е чувството кога гледате дека во парламентот се однесуваат како во некоја локална кафеана каде обезбедувањето вечерта испило малку повеќе. За жал, ваквата слика е премногу и за во пијана кафеана, а да не зборуваме за парламент. Не е важно дали ви се допаѓа Шеќеринска, но многу е важно што за ова општество претставува нејзината легитимно добиена функција. И не е важно кој е, туку обратното зошто се прави тоа. Истиот став би го имал доколку ова им се случуваше и на Бонева, Димоски па и на тие избрани со стотина гласови. Упростувањето на сложените работи помага. Замислете ова да им се случеше на вашите деца од страна на обезбедувањето во училиште каде што учат, со изговор дека не седеле на своето место.

Затоа одамна престанав да патам за одговори, но никако да престанам да патам за вистината. Длабоко во мене посакувам некој да земе храброст и да се обрати на народот, затоа што и позицијата и опозицијата и невладиниот сектор и стечаецот и новинарот, се условно кажано народ . Можете да бидете Ермира Мехмети или пак да бидете Амди Бајрам и Лилјана Поповска. Да бидете спортист или уметник или пак спортист и уметник кој зборува за Буџет. Да бидете платено новинарче со евтина душа или пак новинариште, политичар или политичариште. Да бидете човекољубец или човекомрзец. Да бидете врв или дно, лав или зајак, ној или паун, лојален или нелојален, глув за туѓата душа а слепец за својата.. … Сами избираме.

Дејан Блажески
Либерално демократска партија
(авторот е докторант од областа на економските науки)