По повод ненадејната смрт на Петар Алексоски, директор на техника во телевизијата ТВМ, денеска во просториите на меидиумот се одржа комеморација.
Пред присутните колеги, пријатели, медиумски работници и целата јавност, се обратија директорот на телвизија ТВМ, Мики Арнаудов, новинарката Татјана Маленкова и претседателот на Здружението на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид, Горан Момироски.
„Не напушти ненајдено и тивко. Петар беше дел од „ТВМ“ од нејзиниот почеток и остави силен белег во 20 годишното постоење на телевизијата. Искучително креативен, одговорен кон својата работа. Втемели дел од себе во програмските развој на оваа куќа. Петар секогаш беше со ведар дух и со леснотија ги вршеше работните задачи, често останувајќи пред компјутерот и по завршувањето на работното време. Беше вистински перфекционист, а истовремено и најголем критичар. Несебично им помагаше на своите колеги и беше почитуван од сите. Вечно ќе ни фали насмевката и леснотијата со која ги правеше вработените среќни. Петар секогаш ќе бидеш во нашите мисли и срца, почивај мир , вечна ти слава.“ – истакна директорот на телевизија „ТВМ“, Мики Арнаудов.
Во име на колегите од телевизијата, со Петар Алексоски се прости новинарката Татјана Маленкова.
„Денеска не го испивме вообичаеното утринско кафе со нашиот Петар. Нема зборови со кои може да се опише празнината што остана по неговото заминување. Во оваа голема тага, секој од нас посегнува по спомените. Бевме повеќе од колеги. Бевме големо семејство во кое заедно споделувавме и радост и тага, подеми и падови. Петар ти беше нашата карпа, на тебе секогаш можевме да се потпирме, да се довериме, да се пожалиме. Ќе ни недоста твоето секогаш насмеано лице, топлиот збор, искрен разговор, колегијален однос…Ние нема да ти кажеме збогум, ти секогаш ќе бидеш дел од нас, од телевизија „ТВМ“.“ – истакна Маленкова.
Последен поздрав до Алексоски, упати и претседалот на ЗНМ – Регионална канцеларија Охрид, Горан Момироски.
„Не напушти во годините на живот на зрелост, тогаш кога го достигнуваше зенитот во својата работа. Впрочем и вчера тоа кобно пладне, тој отиде на работа да заврши обврски, иако му беше слободен ден. Таков беше тој, никогаш не се жалеше, никогаш не повиши тон во разговор со никого, и никогаш од лицето не ја симнуваше препознатливата насмевка со која на сите ни ги разубавуваше моментите минати заедно. Неговата смрт е голема загуба за ТВМ, но и за целата медиумска заедница. Со Петар не врзуваа многу лични работи. Минавме заедно многу убави мкоменти. Ја сакавме музиката, но нему таа му беше страст. Тој беше нашиот омилен диџеј на „Фејсбук“, каде ширеше неверојатно позитивна енергија. Навивме од душа за Ѕвезда и за Ливерпул. Неговата химна беше You will never walk alone, така и ги сакаше луѓето. Ќе ни недостигаш на сите, почивај во мир драг наш Перчо.“ – истакна Момироски.
Петар Алексоски почина вчерa во 42-та година од животот. Тој беше дел од ТВМ од нејзиниот почеток и остави силен белег во дваесет годишното постоење на телевизијата. Исклучително креативен, одговорен кон својата работа, Петар втемели дел од себе во програмскиот развој на оваа телевизиска куќа.
Зад себе остави бројни и значајни телевизски проекти од сферата на докумнетарната, забавната, спортската и играната програма. Посебен печат остави во маркетингот, создавајќи стотици рекламни спотови, најавни шпици и посветено се грижеше за визуелниот изглед на целокупната програма.
Посмртните останки на Петар Алексоски, денеска ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта од 14 часот, а погребот ќе се изврши во 15 часот.
OhridNews