Коментар на Институтот за развој на електронски комуникации

Веројатно последно што очекуваа гледачите од неделната програмска понуда беше црн екран со текстуално соопштение со чие појавување операторите на јавни електронски комуникации во Македонија, односно ТВ операторите, започнаа со ефективен протест со кој се закануваа низ претходните месеци.

Црниот екран вчера ги изненади гледачите, а неговата програмска „понуда“ им беше достапна од 18:10 до 19:10 часот, но тоа не е сè што ќе се гледа на кабeлските програми доколку нема решение, имено од оваа Среда, од кога започнува изборната кампања, каналите ќе бидат исклучени од 19 часот до 22 часот.

Па така, симболично во неделата на почеток на кампањата за вонредните избори закажани за 15 јули, во Македонија се насели медиумскиот мрак кој ги покри сите канали од програмската понуда на операторите, освен Македонската Радио Телевизија која мора да ја пренесуваат со законска обврска.

А, не може ниту да се каже дека тоа не беше очекувано, операторите ги бранеа своите ставови со ваква најава месеци наназад, особено после разгорувањето на несогласувањата со петте национални терестријални телевизии, со кои „војуваа“ за наводно непочитување на авторските и сродни права. Преку оваа битка, каналите издејствуваа законски измени кои ги изврши Собранието со измени во 2018 година, а дополнително ги забрзаа во моменти пред самораспуштање во 2020 година.

Несериозното сфаќање на заканата веројатно дополнително го мотивираше Министерството за информатичко општество и администрација, кое во време на вонредната ситуација и корона криза упати известување до операторите со предупредувања кон истите. Важноста да се решат авторските права небаре пандемијата со КоВид-19 не е во полн ек, го натера министерот Манчевски да предложи, а потоа и да бидат донесени и уредби со законска сила, со спорна содржина како можност за додворување до самите национални телевизии.

Како шлаг на тортата, Владата на 29.05.2020 донесе уредба со која се задолжија операторите, сите досегашни регистрирани канали, за кои не истекле договорите за права, да ги пререгистрираат во рок од 60 дена. Со тоа, сите до еден канали треба да се пререгистрираат најдоцна до 08. август годинава, секако, согласно новите законски измени и новите подзаконски акти кои мораше да ги донесе Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Ретроактивноста во правото исто така не може да важи, со што ова претставува преседан кога вообичаено е да се чека да се истечат актите (односно договорите), па потоа да се продолжат согласно новите прописи.

Веројатно развивање на туризамот, а не здравата логика им било во прв план на законодавците, кога новите законски и подзаконски промени, кои се неприменливи во пракса, предвидуваат првиот човек на каналот/групацијата да треба да дојде за да потпише изјава под целосна одговорност дека ги има регулирано авторските права. Исто така и самите оператори ќе треба да имаат нотарска изјава за правата на каналите, а доколку се утврди дека каналот нуди содржина без регулирани права, одговорноста да ја споделат и каналот/групацијата и самиот оператор. Вакво нешто не е применливо а дополнително не постои како практика во рамки на Европската Унија и пошироко.

Зарем Владата го измисли контролирањето на авторските права? Секако дека не, дури и пред овие небулозни измени на законските прописи, авторските права беа регулирани согласно европските стандарди со соодветен закон. Исто така, ИНРЕКОМ смета дека овој потег за преголема регулација е неуставен и противправен. Институтот за развој на електронски комуникации потсетува дека операторите немаат никаква реална моќ да ја контролираат програмската шема на самите канали, односно операторите единствено ги реемитуваат каналите. ИНРЕКОМ исто така упатува апел до Уставниот суд да реагира и да ги прогласи сите законски и подзаконски акти за времено „замрзнати“, а потоа и целосно да ги укине.

Инситутот упатува предлог до новиот пратенички состав на пост изборното Собрание и новата легитимна и легална Влада да донесе соодветни законски измени, во интерес на сите страни, а најмногу во интерес на граѓаните како крајни корисници, притоа држејќи до Европските правни норми и регулативи, следејќи искуства од развиените држави.

Дополнително, ИНРЕКОМ очекува овие перипетии да бидат нотирани во годишниот извештај што ќе го објави Европската Унија, особено во поглавјето 10 кое се однесува на Информатичкото општество и медиуми.

На гасењето канали со реакција се јави и ресорниот министер господинот Дамјан Манчевски, кој на својот фејсбук профил, објави дека на операторите им се закануваат глоби согласно членот 182 и 186 од Законот за електронски комуникации. Иако министерот го цитираше членот 115 од ЗЕК, веројатно изумил да провери дека операторите сепак ги известија сите корисници соодветно за временото исклучување и им најавија соодветно намалување на сметките сразмерно на прекинот, со што не сметаме дека е прекршен тој член.

ИНРЕКОМ исто така ја поздравува и одлуката од страна на операторите за соодветно намалување на месечните сметки на своите корисници, односно еден вид на обесштетување поради принудното исклучување на странските и домашни канали.
За крај, ИНРЕКОМ смета дека принципиелниот дијалог е единствен пат до конечно изнаоѓање прифатлив компромис и решение на сите страни.

фотографија: Македонски Медиа Сервис (ММС)

За гасењето на канали своја реакција имаше и асоцијацијата на петте терестријални телевизии Канал 5, Сител, Алфа, Алсат и Телма кои сметаат дека операторите немале право да им ги исклучат каналите бидејќи имаат потпишан пет годишен договор.

Причините за ова самоволие и тешко кривично дело не ни се познати. Кабелските оператори велат дека станувало збор за некаква неуставна законска регулатива, но за спорови околу уставноста на законите се произнесува Уставен суд, а не се прекршуваат договорите за реемитување со телевизиите, и не се малтретираат корисниците и гледачите кои за услугите плаќаат за да гледаат програма. Оние кои произведуваат програма знаат дека екранот е светост, кон црн екран применуваат само оние што не знаат колку е тешка работата да се произведе гледана и квалитетна содржина, туку се научени без никаква надокнада да преземаат содржина и од тоа да прават профити. – велат од ММА

Институтот за развој на електронски комуникации, исто така, укажува на провидниот обид за притисоци врз АВМУ како независен регулатор, преку преписките помеѓу политичката партија Движење БЕСА и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во држава која се обидува да влезе во колосек со европските текови, зарем е здраворазумски било која политичка партија да влијае врз независноста на регулаторната агенција за медиуми. За потсетување, политичката партија Движење БЕСА поднесе кривична пријава до АВМУ и Претседателот на Советот на Агенцијата, поради „пречекорување на овластувањата и злоупотреба на службената должност“, наводно со цел да се наштети на движењето Беса. Беса негодува поради немањето временски простор за рекламирање во платеното политичко рекламирање.

Со измените на Изборниот законик, единствено во Македонија, рекламирањето го плаќаат граѓаните преку државниот буџет, а минутажата е пропишана со Закон на која партија колку ѝ следува. Изборниот законик пропишува дека право на изборно рекламирање имаат листите на кандидати, кои ги има потврдено ДИК.

Ставот на АВМУ е дека согласно законот, БЕСА може да се рекламира само во минутажата на коалицијата „Можеме“, бидејќи е дел од истата и партијата не настапува самостојно. Дополнително, нацрт упатството за лимитите за платеното политичко рекламирање, било на јавна расправа, а самото движење БЕСА не поднело забелешки. Исто така, упатството е направено на ист начин како и Упатството за Претседателските избори во 2019 година.

ИНРЕКОМ ваквите реакции на политички партии кон регулаторни тела, ги смета за притисок и непримерен демократски капацитет и демократичност од страна на наведената партија воочи изборните настани.
Она што според ИНРЕКОМ треба да се направи се законски измени со кои би се укинале спорните одредби, кои овозможуваат плаќање рекламите на политичките партии со пари на граѓаните, како и да се изнајде поинаков модалитет во однос на поделбата на минутажата која би била навистина рамноправна, а не дискриминирачка, посебно за помалите политички чинители.

Извор: Институт за развој на електронски комуникации

*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите