Комисијата за употреба на историските имиња утре треба да има состанок и да достави извештај, по што ќе донесам соодветно решение, изјави денеска министерот за правда Кренар Лога, за тоа до каде е постапката со бугарскиот клуб „Цар Борис III“.

На брифингот со медиуми во Министерството за правда, денеска беше појаснето дека, првиот пат барањето било од самиот клуб, додека сега е од Централниот регистар и дека веќе е пуштено барање од Комисијата до Централниот регистар.

Пуштено е барање од страна на Централниот регистер до Комисијата. Истата ќе заседава утре и ќе донесе мислење за името на здружението, по што јас ќе донесам соодветно решение, согласно законот. Процедурата е иста како минатиот пат, рече министерот за правда Лога.

Централниот регистар, претходно информираше дека е донесено Решение од нивна страна со кое се одбива барањето за усогласување од страна на Здружението Цар Борис III од Охрид.

Од страна на Здружението Цар Борис III од Охрид до Централниот регистар во законски предвидениот рок од 30 дена не се доставени бараните документи дадени во Известувањето, во согласност со Законот за здруженија и фондации, соопштија од Централниот регистар.

Согласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022, бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување. Рокот за поднесување на барањето истече на 16 февруари.

Според измените на Законот за здруженија и фондации се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.

Минатата недела со одлука на министерот за правда, а по претходно мислење на надлежната Комисија, беше избришан бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола.

OhridNews