На 47-та сесија на УНЕСКО, Комитетот предложи регионот на Охридското Езеро да се вклучи на Листата на светско наследство во опасност, со цел да се поттикне порешителна акција и да се обезбеди запирање и враќање на деградацијата на атрибутите што ја пренесуваат извонредната универзална вредност (OUV) на имотот.

Практиките на неодржлив развој – вклучувајќи градежништво, вештачка обработка на земјиштето и зафаќање – продолжуваат да преовладуваат, спротивставувајќи се на стратегиите усогласени со статусот на светско наследство на локацијата. Покрај тоа, многу од претходните барања на Комитетот остануваат неспроведени, особено оние поврзани со запирање на несоодветните развојни проекти, зајакнување на прекуграничното управување и усогласување на планирањето и прописите со целите за зачувување и заштита на атрибутите што ја сочинуваат неговата OUV, посочува Аријан Мероли, претставник на Албанија во Билатераллниот комитет за заштита на Охридското Езеро.

Овие проблеми, додава, резултираа со континуирани кумулативни влијанија, кои остануваат постојана закана, особено имајќи предвид дека ограничениот напредок документиран во најновиот извештај за состојбата на зачувувањето покажува дека напорите за намалување и ублажување на негативните влијанија се бавни, за разлика од итната потреба за справување со екстремната кршливост на OUV на регионот.

Во нацрт-документот повторно се бара од властите во Северна Македонија итно и со целосно почитување на препораките за заштита на вредностите на регионот да ги суспендираат измените на Деталните урбанистички планови и одобрувањето на Локалните планови за развој надвор од населените места сè додека не се изготви Стратешката проценка, да ги изработат Генералните урбанистички планови за Охрид и Струга, како и инструментите за просторно планирање за неизградени области.

Натаму, во документот се бара да биде доставена Студија за изводливост за планирањето на крајбрежната зона на македонскиот дел од Охридското Езеро како дел од мешовитото прекугранично светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот Регион“.

Се бараат засилени активности за зачувувањето на Студенчишкото Блато, со итна забрана на градежните активности во близина на блатото и комплексот „Горица 3“ се до изготвувањето на Стратешката еколошка проценка и специфичните проценки на влијанијата за сите проекти.

Од 2021 година, Комитетот ја покрена можноста за впишување на имотот на Листата на светско наследство во опасност, а итните потреби за зачувување сега бараат широка и итна мобилизација од двете држави-страни.

Доколку биде усвоена нацрт-одлуката на Комитетот, не значи дека Охридскиот регион ќе биде избришан од листата заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку извесна разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот.

OhridNews