Согласно законот за управување со отпад и јавна чистота, кои точно ги дефинираат обврските на јавното комунално претпријатие, „Охридски комуналец“ не е надлежен за чистење на отпадот од приватни имоти, потенцираат од јавното претпријатие „Охридски комуналец“. Ова објаснување следува по упатените критики од „Чист Охрид“ дека екипите на јавното претпријатие не го подигнале целиот отпад од зелените површини покрај улицата „Марко Цепенков“, каде ден подоцна активности за чистење на просторот имаа од „Чист Охрид“.
– Од приложените фотографии се гледа дека здружението „Чист Охрид“ спроведувало акција на приватен имот. Јавното претпријатие не само што не е надлежно за чистење на приватни имоти, туку и нема право на такви активности без соодветен налог, велат од ЈП „Охридски комуналец“.
Од јавното претпријатие се сомневаат дека намерите на движењето „Чист Охрид се насочени кон одржување чист град, бидејќи не соработува со надлежните служби со цел соодветно одлагање на отпадот од нивните акции.
– Како и секое еколошко здружение во светот и кај нас кое работи со професионална етика, нема да го депонира собраниот отпад од спроведените акции во или до контејнерите кои се наменети за домаќинствата , туку ќе иницира и воспостави конструктивна соработка со локалното комунално претпријатие за навремено подигање на собраниот отпад и активно ќе учествува во подигнувањето на свеста на граѓаните за одржува чиста околина. – се вели во реакцијата на ЈП „Охридски Комуналец“.
Оттаму додаваат дека наместо до јавното претпријатие, критиката од „Чист Охрид“ требало да биде упатена кон несовесните граѓани кои го депонираат отпадот на несоодветно место.
OhridNews