Оштетувањето на акумулацијата кај Слатино е од сериозни размери, а во прилог не одат ниту временски прогнози, изјави заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски, нагласувајќи дека состојбата будно се следи.
Како што пренесува „Макфакс“, Коњановски денеска оствари посета на браната Слатино, при што разговараше со локалното население и изврши обиколка на браната, согледувајќи ја моменталната состојба на акумулацијата и полнењето на акумулацијата од Мраморечката река.
“Оштетувањето на акумулацијата е од сериозни размери и во оваа ситуација единствено што останува е будно да ја следиме состојбата и координирано да делуваме во рамки на можностите и условите, кои за жал не одат во прилог доколку се земат во предвид временските прогнози. За таа цел, сме тука заедно со претставниците од ДЗС и ЦУК, Министерството за животна средина, како и со останатите државни институции. За оваа цел сме во редовна комуникација и со професорите од Градежниот факултет, кои извршија увид на состојбите. Како Влада сме тука, сме заедно со населението од Дебарца и во наредниот период остануваме тука,“ истакна Коњановски.
Како што информиравме претходно, обилните врнежи од дожд кој врне и денеска, според Дирекцијата за заштита и спасување, дополнително ја влошија состојбата на оштетената земјена брана на Слатинското Езеро, што предизвика зголемување на свлечиштето.
Дирекцијата за заштита и спасување – Охрид ја оцени состојбата како сериозна, бидејќи доколку се спушти сртот на браната може да дојде до излевање на езерото.