Музичката програма не фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе продолжи со концерт на виолинистот Владимир Марковиќ и пијанистката Јулијана Шуловиќ од Србија. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Владимир Марковиќ започнува да учи музика во родната Приштина, а продолжува во училиштето за таленти во Ќуприја. На само 14 години станува студент на Академијата во Нови Сад во класата на Павел Верников, а потоа го завршува образованието на Државиот музички колеџ „Чајковски“ во Москва ( кај проф. М. Глезарова) и на Московскиот конзерваториум (проф. С. Кравченко). Магистерската титула ја добива на Универзитетот на Источно Сараево во Босна и Херцеговина (проф. И. Јашвили), а докторските студии ги завршува на Универзитетот Слобомир во Бјелиња (Бих).
Владимир Марковиќ е победник на повеќе натпревари во поранешниот Советски сојуз и поранешна Југославија. Настапува во Германија, Австрија, Италија, Франција, Грција, Кипар, Србија, а соработува со диригентите: Рудолф Баршаи, Константин Кримец, Павел Коган. Концерт-мајсторската позиција ја зазема во Камерниот оркестар „Виртуози ди Кумо“ во Финска, Камерниот оркестар „Симфониета“ во Белград, камерниот оркестар „Гудачи на Св.Ѓорѓе“. Подеднакво активен како солист и педагог, тој држи мајсторски курсеви и е член на меѓународни жирија. Марковиќ е шеф на катедрата за гудачки инструменти на Универзитетот на Источно Сараево, а предава и на Универзитетот „Слобомир“ и во музичкото училиште „С. Мокрањац“ во Белград.

OhridNews












