На 65 роденден на најголемата културна манифестација во земјава, Фестивалот Охридско лето, концерт ќе одржат македонската сопранистка Ана Дурловски и пијанистката Анахит Тер-Татшатјан од Ерменија.

Ана Дурловски е светски позната сопранистка со успешна кариера во која соработувала со познати светски диригенти и солисти како Сер Сајмон Ратл, Јонас Кауфман, Адам Фишер, Прити Јенде, Рејчел Вилис-Соренсен и др. Активна на концертната сцена, Дурловски настапува со Берлинската филхармонија, Симфонискиот оркестар во Шангај, Оркестарот на Минхенското радио, Филхармонијата во Штутгарт и др.

Анахит Тер-Татшатјан има кариера како солист пијанист, камерен музичар и репетитор во меѓународно признати оперски куќи, како и во камерни ансамбли повеќе од две децении. Меѓу останатите таа е репетотар во Грчката национална опера и балет во Атина каде е и официјален корепетитор на Меѓународниот натпревар за соло пејачи „Гран При Марија Калас“ од 2001 година. Покрај тоа, таа е пијанист на интернационалните мајсторски курсеви предводени од Гена Димитрова, Шерил Студер, Курт Еквилуц, Нели Мирициоу и Костас Паскалис.

Концертните ангажмани ја водат на сцените низ Европа каде настапува во Швајцарија, Русија, Грција, Италија, Полска и Романија.

Од 2010 година таа е вработена како корепетитор за вокална музика на Универзитетот во Вурцбург, а од сезоната 2012/2013 е и соло репетитор со дел одговорности во областа на диригирањето во Театарот во Билефелд, а настапува и како солист со Филхармонискиот оркестар на овој град.

Г.М.