Музичката програма на годинешното 65. издание на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“.

Како признание за постигнатите резултати, во 1995 година оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичка младина.
Оркестарот има остварено повеќе од 100 концерти добивајќи голем број позитивни критики и признанија, а на неговиот репертоар, покрај делата од светската класика, свое место наоѓаат и делата на современите македонски композитори.
Веќе 38 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.
Иван Еминовиќ – диригент
Иван Еминовиќ е роден во Скопје. Своето основно и средно образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.

Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист одржал бројни концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија.
Во јули 2018 година диригира со Сараевската филхармонија по повод отворањето на фестивалот „Башчаршиски ноќи“ во Сараево.
Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќе продукции на Националната опера и балет, меѓу кои: „Травијата“, „Набуко“, „Дамата со камелии“, „Кармина Бурана“, „Севилски бербер“, „Кавалерија Рустикана“, „Жизел“, „Риголето“, „Евгениј Онегин“, „Адриана Лекуврер“, „Дон Џовани“, „Турандот“, „Реквием“ од Моцарт, како и многубројни концерти.
Концертот ќе се одржи во црквата Св. Софија со почеток во 21 часот.
OhridNews











