Безвременско музичко патување под светлосната магија на свеќите ќе донесе „Охридско лето“ на 29 ноември во Македонската филхармонија преку концертот на Камерниот оркестар „Профундис“ и солистот на виолончело Петар Пејчиќ кои ќе настапат под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ. Оваа национална установа успешно ќе ја заокружи годинава со уште еден пост-фестивалски концерт на 20 декември во Центарот за култура во Охрид со меѓународно етаблираните уметници, тенорот Рамирез Дроз Реиналдо Елаис и Барбаџелата Франческо на пијано.

Успешно реализираното јубилејно 65-то издание на фестивалот уште еднаш потврди дека „Охридско лето“ е културен бренд не само на Македонија, туку и на целиот регион.Оваа година Охрид беше центарот на врвната уметност со преку 36 концерти, претстави и настани на кои настапија уметници од целиот свет. Благодарение на поддршката од институциите, спонзорите, нашите партнери, но најмногу од публиката, ова издание беше едно од најпосетените и највисоко оценети во последните години. Шеесет и петтото издание на „Охридско лето“ покажа дека културата има моќ да обединува, да инспирира и да носи нови свежи идеи. Особено сме горди што оваа година го официјализиравме партнерството со А1 Македонија, преку потпишување на четиригодишен договор за стратешка соработка. Со ваквата поддршка фестивалот ќе добие можност да се развива и надвор од летните месеци, изјави директот на „Охридско лето“, Цуцковски.
Партнерството, како што истакна главниот извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев, ја потврдува својата заложба за долгорочна поддршка на културата и заедницата и е пример за синергија помеѓу корпоративната одговорност и културната традиција.
2025 година беше извонредна година за „Охридско лето“, исполнета со врвни уметнички изведби, свежина во програмата и инспиративна енергија од публиката. За нас како A1 Македонија, ова партнерство е потврда за нашата корпоративна стратегија, да ја приближиме културата и уметноста до сите граѓани. Горди сме што сме дел од фестивал кој успешно ги комбинира наследството и традицијата со современите уметнички тенденции. Со оваа соработка, ја зацврстуваме нашата визија за долгорочна поддршка на културните иницијативи и со големо задоволство ја најавуваме продолжената улога на A1 Македонија како генерален спонзор и во наредните години, изјави Методија Мирчев, главен извршен директор на A1 Македонија.
Фестивалот „Охридско лето“ е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам, а се одржува под поктовителство на Претседателот на државата. Генерален спонзор од годинава е А1 Македонија, а фестивалот ужива поддршка и од Амбасадите во државава, од Општина Охрид, како и од бројни спонзори и помагатели.

OhridNews














