Oхриѓани и гостите ќе имаат можност и годинава да уживаат во звуците на чалгиските песни на најпознатиот трубадур и чалгаџија на сите времиња, Климе Садило.

Во негова чест, Здружението за култура и уметност „АртВивенди“ од Охрид со поддршка на Општина Охрид го организира концертот насловен „Заборавениот звук на Садило“ .

И оваа година ќе можете да  уживате во настапите на КУД „Далги“ при Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца, Охридскиот камерен оркестар, како и изведбата на драмата „Виолина што одекнува низ вековите“ од м-р Михаил Патчев, информираат организаторите.

Концертот ќе се одржи на 12-ти јуни со почеток од 20:00 часот во предворјето на катедралната црква „Св. Софија“.

Инаку, Климе Садило е претставник на македонската чалгиска традиција, што како културно добро најинтензивно била негувана во македонските градски средини, претежно во 19 и во 20 век. Роден бил 1881 година, а починал на 21 јуни, 1965 година.

Од 19 годишна возраст почнал да свири во тајфата на својот татко, а подоцна ја оформил својата тајфа –Такамот на Садиловци (подоцна познати и како „Охридски трубадури“). Садило свирел и на ут, но пред сè, бил познат како ќеманеџија (виолината локално нарекувана ќемане) денес се наоѓа и може да се види во Куќата на Робевци.

OhridNews