Десеттиот ден на програмата на годинешното „Охридско лето“ ќе понуди две интересни содржини, со концертите на ансамблот „Елиас Ладино“ и Грчката вечер во чии рамки е концертот на квартетот „Емилиос Риадис“.
Ансамблот „Елиас Ладино“ ја враќа музиката на македонските Евреи дома. Од 1976 години овој ансамбл свири сефардска музика на концерти и фестивали низ целиот свет. Кларинетистот Даниел Елиас, основачот на оваа група ја слушнал музиката својствена за битолските Евреи преку песните кои неговата баба му ги пеела на неговиот татко. Морис Седака, исто така потекнува од семејство на сефардски музичари. Неговите мајка и дедо, исто така пееле песни кои ансамблот денес ги изведува. Заедно со перкусионистот Кејс Бонд и басистот Марко Брем, ансамблот ќе свири музика која повеќе од 80 години не е слушната на овие простори.
Концертот ќе се одржи во предворјето на црквата Св. Софија со почеток во 19 часот.
Во рамки на програмата на „Охридско лето“ од 21 часот во црквата Св. Софија ќе се одржи Грчка вечер со гудачкиот квартет „Емилиос Риадис“ кој опстојува на камерната музичка сцена повеќе од 17 години.
Оформен е во 2005 година од музичари од Симфонискиот оркестар во Солун. Квартетот го добива името по познатиот грчки композитор Емилиос Риадис родум од Солун. Овој квартет се смета за еден од најзначајните камерни ансамбли во Грција, со настапи на сите значајни музички фестивали во земјата. Низ годините соработуваат со истакнати грчки и странски композитори и гости-музичари како: Алан Муние, Жан Кристоф Шарон, Џакомо Батарино, Барбара Цампали, Виолета Луста, Димитрос Чандракис, Чара Сеира, Ангелос Лиакакис, Марија Милараки, Катерина Гима, Николос Димопулос, Апостолос Чандракис и Јанис Карајанидис. Квартетот „Риадис“ за издавачката куќа „Фазма“во 2014 година го снима Гудачкиот квартет бр. 1 од наградуваниот грчки композитор Костас Цуграс. Репертоарот на квартетот е широк, вклучува дела од сите епохи, од раниот барок, па до денес.
OhridNews