Старата занаетчиска школа во Охрид од минатиот век, која опстојувала во централното градско подрачје, претставува расадник на новопечени занаетчии кои ќе ја продолжат традицијата на старите мајстори. Во првата половина на 20-тиот век, ова училиште ги создава денешните занаетчии кои ја продолжуваат лозата на нивните пра-дедовци. Ако во модерната доба на живеење, кондураџиите, берберите, авотмеханичарите па и лимарите ги има се помалку, сепак тие преку нивните дела сведочат за големината и успешноста на оваа школа.
Денешната празнина покрај Т.Ц „Амам“, некогаш била исполнета со занаетчии од различни области, кои во текот на своето средно образование разменувале искуства. Во далечната 1933-та година, дедото на Сашо Богоески започнува да го изучува занаетот на старите охридски кондураџии. „Мојот дедо кој потекнува од таа традиционална и надалеку позната школа, уште од 1933-та година започнува да се занимава со поправка на кондури. Уште како дете, мојот интерес за овој занает беше голем, па така од 1993-та година професионално се занимавам со оваа работа. Во суштина, со голема љубов ја продолжив таа вековна традиција на старите охридски мајстори.“ – вели охриѓанецот Сашо Богоески.
Основната дејсност на овој занаетчија е поправката на чевли, но за блиските пријатели знае да направи некоја специфична обувка која самиот ја изработува. Секој кондур претставува приказна за себе, а поправката во суштина ја дава народната „Од невозможното да се направи возможно“. „Најмногу доаѓаат жените, кои ја поправаат флекницата на штиклата. Тоа претставува гумата, која намногу страда и се оштетува. Исто така, вршам поправки и обложување на цели стапала како и лепење на истите. Се она што може да се поправи на еден кондур, од менување на ѓон, гума, шиење и лепење го изработувам лично во мојата работилница во старата охридкса чаршија. Исклучиво за двајца мои пријатели, изработувам кондури по нивна желба“ – потенцира нашиот сограѓанин.
Според Богоески, овие занаетчии кои се занимаваат со поправка на кондури, во минатото го славеле 25-ти декември како свој празник. „Тоа било „Св. Спиридон“ или католички Божиќ. Старите кондураџии правеле погача со лепче, при што го избирале кумот. Денес оваа традиција е изумрена. Сега нема услови за празнување на овој датум, од причини што нема толку занаетчии“ – вели Богоески.
Сериското производство на кондури за овој мајстор претставува мисија, која во моментов е тешко остварлива. Како причини се наведуваат големата конкуренција, скапата инвестиција и неможноста од ангажирање стручен кадар. „Кинеските неквалитетни обувки не ми дозволуваат да отворам погон, каде што би работеле охриѓани во производството на обувки. Не постои веќе евтино и квалитетно. Во земјава имаме дефицит од стручен кадар, што беше споменато и на балканската конференцијата за занаетчии во Тирана. Едноставно тоа претставува глобален проблем, а Германците се соочуват со голем број на неквалификувана работна сила од нашите простори. Тие самите би финансирале во нашето образование, со цел добивање на кадар кој ќе помогне на производството.“ – додава Богоески, кој воедно е и претседател на Регионалната занаетчиска комора.
Интересот кај младите за овие стари занаети е се помал, но Богоески се надева дека неговиот син ќе ја продолжи традицијата. „Интерес кај младите како воопшто и да не постои. Дури занаетот за бербери, за кој до пред извесно време имаше интерес сега го нема. Министерството за економија има направено класификација на занаети во изумирање, со цел изготвување програма и план за нивно опстојување. Во Охрид имаме само 10 занаетчии кои се регистрирани во рамките на Занаетчиската комора, а другите работат како трговски друштва“ – завршува Богоески.
O.T.