Конференција на лекарите од општа и семејна медицина на Југоисточна Европа до 19-ти јуни се одржува во Охрид под мотото „Општата/семејна медицина во состав на здравствената грижа“ и на нea замаат учество предавачи, професори и доктори од праксата од различни земји на ЈИЕ и пошироко.

На свеченото отворање обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков кој истакна дека овој академски собир е еден од најголемите во областа на општата и семејната медицина во Југоисточна Европа изразувајќи очекување дека од него ќе произлезат значајни податоци и научни заклучоци, кои ќе дадат нов импулс во третманот и негата на пациентите во примарното здравство.

Пандемијата со Ковид-19 ни ја покажа клучната улога на општите и семејните лекари во целокупниот здравствен систем. Тие беа постојано на располагање, не советуваа, се грижеа за нашето здравје и имаа значајна позиција во лекувањето и третманот на заболените од овој нов вирус. Но освен во медицинскиот третман, важноста на докторите од општа и семејна пракса е неприкосновена и во делот на заштитата од најразлични хронични болести, рече Пецаков.

Тие се наметнуваат како најверодостоен извор за информации, рече градоначалникот Пецаков додавајќи дека се и појдовна точка за сеопфатна здравствена заштита и за поединецот и за семејството.

Потребно е сите државни системи да се насочат кон креирање на современи здравствени политики во делот на примарното здравство, кои ќе обезбедат подобри услови за работа на општите и семејните лекари и ќе овозможат подобра заштита на здравјето на населението. Се надевам дека преку заедничка заложба и размена на искуства, ќе се избориме, сите граѓани да добијат квалитетна и навремена примарна здравствена заштита, а медицинскиoт кадар, достоинствени услови за работа, додаде Пецаков.

Конференцијата ќе овозможи размена на искуства и идеи од областа на општата/семејна медицина, нејзината улога во здравствениот систем, особено во решавањето на пандемијата со Ковид – 19.

Организатор на конференцијата е Асоцијацијата по општа/семејна медицина на Југоисточна Евбропа (А ОМ/СМ ЈИЕ и македонското Здружение по општа/семејна медицина.

OhridNews