Договорот од Преспа е добар, достоинствен, го потврдува идентитетот и ја гарантира нашата иднина, истакна премиерот Зоран Заев, на конференцијата „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“, во организација на МАНУ.
„Нашите аргументи се кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Грција го признава нашиот идентитет. Јазикот ќе се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани. Македонскиот јазик и кирилското писмо ќе бидат официјални во заедница од околу 500 милиони луѓе. Подобра заштита на македонскиот јазик и кирилското писмо не може да се замисли од оваа меѓународна верификација. Еднаш засекогаш!“ порача премиерот Заев пред аудиториумот во МАНУ.
Премиерот Заев потенцираше дека договорот со Грција и позитивните ефекти од него, како поканата од НАТО и датумот за преговори со ЕУ, кои, како што рече, даваат шанса да бидеме свои на своето, но и ја гарантираат безбедноста и суверенитетот на земјата.
„Нашиот аргумент е дека со договорот од Преспа, со внатрешните реформи и со перспективата што ни се отвора со вистинскиот и единствен одговор на референдумот, добиваме јасни и дополнителни можности за развој. Тоа е од суштинска важност за нашата економија. Ја носиме Европа тука и создаваме можности. Избравме да чекориме храбро и одлучно кон иднината. Знаеме кои сме и што сакаме“, рече Заев.
Според министерот за надворешни работи Никола Димитров со прифаќање на договорот од Преспа, ќе се заокружи државноста на Македонија.
„Кога судиме за овој договор мора да го имаме предвид контекстот. Додека седевме во чекалната ги испуштавме возовите кога постоеше силен ентузијазам за ЕУ проширување. После долго време ЕУ погледна кон Балканот. И тоа внимание мора да се зграпчи и еднаш засекогаш Македонија да се извлече од процепите на несигурност кои сè уште виреат во нашиот регион, рече Димитров.
На конференцијата не учествуваа дел од академиците кои јавно го критикуваа Договорот од Преспа како неприфатлив. Од МАНУ информираа дека поканата била отворена и секој кој сакал можел да присуствува на конференцијата. На дебатата присуствуваа претставници на движењето „Бојкотирам“ кои до МАНУ доставија декларација, која, како што истакнаа, ги содржи црвените линии на македонскиот народ.
OhridNews
фото: влада.мк