Градоначалникот на Општина Охрид објави јавен конкурс за избор на директори во јавните претпријатија „Градски пазар“, „Градски гробишта“ и „Охридски комуналец“.

За челните места во ЈП „Градски пазар“ и „Градски гробишта“ кандидатите кои ќе се пријават на конкурсот , меѓудругото треба да се со  завршено високо образование и пет години работно искуство, додека пак кандидатите за директорската фотелја во  ЈП „Охридски комуналец“  може да аплицираат и доколку имаат четири години работно искуство.

Како што се наведува во објавениот конкурс, кандидатите кои се пријавуваат потребно е силно да веруваат во сопствениот капацитет, да поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини, способност за тимска работа и да се подготвени за темелна посветеност, силен ангажман и предизвици.

– Сите пријавени кандидати имаат еднакви можности да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, се наведува во конкурсот.

Пристигнатите документи ќе ги прегледува три члена комисија избрана од страна на Градоначалникот на Општина Охрид и во рок од  осум  дена по истекот на рокот на конкурсот кој трае пет дена, целокупната документација ќе се  достави до Градоначалникот, кој во рок од 15 дена од денот на доставувањето на документацијата,  треба да донесе одлука за избор на Директор.

OhridNews