Министерството за образование и наука објави Конкурс за доделување стипендии на наставници од државните основни и средни училишта кои ќе запишат магистерски или докторски студии на некој од најдобрите 200 универзитети во светот од областа на образованието, кои се на ранг-листата на Шангајскиот Џиао Тонг Универзитет или на листата на Quacquarelli Symonds од Велика Британија.

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска информираше дека огласот е веќе објавен на веб-страницата на МОН и заинтересираните наставници кои ги исполнуваат условите може да аплицираат за стипендија за 2016/2017 до 1 септември годинава.

– Значајно е да се потенцира дека со последните законски измени што ги направи МОН, се гарантира работното место на наставникот кој ќе се запише на еден од овие универзитети. Во периодот додека тој ќе биде на студии, неговото работно место ќе биде во мирување, а по дооформувањето на образованието тој ќе се врати во Македонија и ќе треба да работи во областа на образованието двојно за периодот за кој бил стипендиран, изјави Ристовски.

Владата, преку Министерството за образование и наука, во целост ќе им ги покрие трошоците за студирање, кои вклучуваат надомест на уписнината во висина од најмногу 40.000 американски долари на годишно ниво, месечен паричен надомест и еден повратен авионски билет.

OhridNews