Од почетокот на годината екипите на ЕВН Македонија и истражните судии спроведуваат интензивни технички контроли на мерните места кај корисниците. Само во Охрид од направените 300 контроли на мерни места утврдени се над 30 кражби. Против сите корисници се поднесени кривични пријави и подготвени им се пресметки за неовластено користење на електричната енергија, информираат од ЕВН.
Покрај овие случаи на кражби на електрична енергија од судот се чека разврска уште на 40 – тина случаи кои се откриени во Охрид и околните населени места на крајот на минатата година. „Контролите ќе продолжат и натаму со цел ЕВН да ги заштити корисниците кои не ја крадат и редовно плаќаат за потрошената електрична енергија, како и да го заштити системот кој најмногу страда од кражбите на електрична енергија.“-велат од ЕВН.
Со цел да се засили битката со крадците на енергија покрај утврдените високи парични казни, од почетокот на годината стапија на сила и измените и дополнувањата на кривичниот законик. Со нив кражбите на сите видови енергија претставуваат кривични дела казниви со казна затвор до 5 години.
Штетите од кражбите се многукратни, не само финансиски за компанијата и државата туку се опасни пред се по животот и здравјето на оние кои кои живеат во близина на кражба на електрична енергија бидејќи често се случуваат експлозии и пожари, посочуваат од ЕВН.