Синоќа во Македонскиот народен тетар во Скопје, КУД „ Дримкол“ од Вевчани уште еднаш ја потврди својата професионалност го оправда епитетот Верен чувар на македонската и вевчанската култура и традиција. На големата сцена на МНТ, настапија 95 уметници на „ Дримкол“, членови на фолклорниот ансамбал, патувачкиот театар, пејачката група и големиот народен оркестар.
На програмата беа застапени фолклорни сценски обработки од Вевчани, Охрид, Битола и од Егејските делови на Македонија. Синоќешниот концерт на Дримкол понуди еден различен пристап кон презентацијата на фолклорот во Македонија, сосема различен концепт во конструкцијата на програмата, а сето тоа, во рамки на изворната традиција и култура. Вевчанци синоќа пееја, играа и испратија силна порака за зачувување на човечките вредности, за љубов и почит меѓу луѓето.
– Особено ми е драго за синоќешното наше гостување во МНТ, навистина е радост кога гледаш дека на луѓето многу им се допаѓа тоа што го работиме, а уште подраго ми е кога ќе успееме да ја задоволиме нашата публика – вевчанската и македонската. „ Дримкол“ има секогаш сериозен однос кон својата држава и надвор од границите, барем тоа сме го докажале многу пати, но подеднакво и внатре, па токму од тука во нашата годишна програма предвидуваме концерти низ републиката. Фолклорот е идентитет, историја, култура, затоа сметам дека голема е одговорноста на секој кој се занимава со фолклор, не смееме да дозволиме да се подигруваме со нашите национални, традиционални духовни вредности- изјави Тоше Чочороски, претседател на „ Дримкол“.
Во иполнетото гледалиште на МНТ, синоќа меѓу многубројната публика можеа да се забележат еминентни професори , стручњаци , уметници од национални и образовни институции од областа на културата и Министерството за култура, а своето воодушевување од Вевчанци не го криеја и амбасадорите на Б и Х, Србија, Црна Гора.
OhridNews