
Сите љубители на музичката уметност кои нема да се во можност да присуствуваат во акустичната црква, ќе може да уживаат во концертот преку интернет.
– Лајв-стримингот е новина што се практикува на сите светски фестивали. „Охридско лето“ ја воведе ваквата практика на веб-продукција што со цел да го доближи фестивалот до најсовремените технолошки и ИТ достигнувања, велат од „Охридско лето“ .
Од таму додаваат дека овој начин на следење на програмата на најпрестижната манифестација кај нас, како новина, постојано ќе се осовременува, но и ќе опфати поголем број на настани.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија е редовен учесник на нашата најголема и најпрестижна музичко сценска манифестација. Оркестарот основан пред 30 години е составен главно од студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но често во него членуваат и млади музичари од други земји. Досега има реализирано повеќе од 90 концерти, со голем број диригенти и солисти од земјава и светот. Камерниот оркестар на МММ е добитник на повеќе награди и признанија.
Маестро Саша Николовски-Ѓумар критиката го смета за еден од најдобрите македонски диригенти. Работел со речиси сите македонски ансамбли – Оркестарот на Македонската филхармонија, Оркестарот на Македонската опера и балет, Младинскиот камерен оркестар на Музичката младина на Македонија, Хорот и оркестарот на Факултетот за музичка уметност во Скопје и други. Добитник е на повеќе значајни награди и признанија од областа на културата и уметноста.
Концертот вечер ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот. На програмата се дела на П. И. Чајковски, Х. Персл, Г. Ф. Хендл.
OhridNews











