Вчеравечер во црквата Света Софија, во рамки на фестивалот Охридско лето, публиката имаше можност да присуствува на уште еден несекојдневен настан кој  уште долго ќе се памети- настапот на кларинетистот Чарлс Најдих, за кој може да се каже дека ќе го одбележи не само 51- то издание на фестивалот Охридско лето, туку и севкупната фестивалска историја.


Света Софија беше исполнета со домашна и странска публика, но најмногубројни беа македонските кларинетисти, професори и студенти, за кои присуството на овој концерт, како што и самите изјавија, е голема чест, празник за душата, но и голема лекција.

Чарлс Најдих ја плени публиката со неговата мајсторска изведба, убавината и племенитоста на неговиот тон, како и беспрекорното и бравурозно техничко владеење на инструментот. Посебно инспиративно беше кога маестрото изведе своја композиција посветена на  цунамито во Јапонија. Публиката го награди со силни и долги аплаузи, а маестрото, и покрај долгиот и захтевен програм, подари и бис со прекрасна изведба на една Романса од Шуман.


Уметникот го искажа своето огромно задоволство од публиката, а особено од преубавиот и акустичен простор на Света Софија, кој, како што самиот изјави, му бил додатна инспирација за свирење. Маестро Најдих не ја криеше својата желба повторно да ја посети Македонија и фестивалот, но со подолг престој при што ќе има можност да одржи и семинар за, како тој што вели, талентираните млади македонски кларинетисти.

OhridNews