На конвенција што се одржа вечерва во Центарот за култура, Сојузот за иднината ги промовираше кандидатите за советници и градоначалник во Охрид на претстојните локални избори.
Листата за советници на Сојузот за иднината ја предводи проф. Д-р Јован Стојаноски, а на неа има кандидати од сите коалициони партии.
Дејан Блажески од ЛДП во обраќањето ги повика младите да го поддржат кандидатот за градоначалник Александар Петрески за трет мандат затоа што тој со вработување на голем број млади ја покажал грижата кон нив.
–Остануваат уште девет дена, извадете ги кондурите, потпетиците, оделата, облечете ги патиките и меѓу народот да ја завршиме оваа битка за народот, истакна Блажески, посочувајќи дека претстојните локални избори се референдум не само за државата, туку и за Охрид конечно да биде рамноправно третиран од власта како и градовите каде таа има свои градоначаници.
Професорката Жаклина Лазареска се осврна на приоритетите во образованието во идниот мандат, истакнувајќи ги бројните реализирани проекти на локалната самоуправа предводена од актуелниот градоначалник во оваа сфера. Гарант дека општината ќе продолжи ште повеќе да вложува и да се грижи за образованието, како што рече, се номинираните кандидати меѓу кои четворица се просветни работници, кои се наоѓаат меѓу првите 10.
На конвенцијата се обрати кандидатот од ВМРО НП, Јоне Станкоски, кој истакна дека претстојните локални избори во суштина се борба која ќе ја одреди иднината на целата држава и квалитетот на животот на сите граѓани во Македонија.
Тој рече дека Сојуузот за иднина е одраз на политичко созревање и реално сфаќање на времето во кое живееме, забележувајќи и на актуелната власт дека не бира средства да ги придобие гласовите на граѓаните.
-Тие едноставно сакаат сите да сме ВМРО ДПМНЕ, е нема така да биде. Последните денови се формира тело внатре во ВМРО ДПМНЕ за обработка на симпатизерите на ВМРО Народна партија. Сега сум веќе сигурен дека вакви комисии имаат формирано и за симпатизерите на СДСМ, ЛДП, Обединети за Македонија, едноставно за сите. Оваа тоталитарна власт се обидува на најперфиден начин да допре до гласовите на своите граѓани, што е дна од причините што ја создадоа оваа коалиција.-рече Станкоски.
Како професор по физичко образование тој се осврна и на спортот најавувајќи силна поддршка на спортот во Охрид, ветувајќи силен ракометен клуб и влез во Супер лига, како и помош за фудбалерите, кошаркарите, атлетичарите, хокеарите, тенисерите, за спортовите на вода…
Свое обраќање пред присутните имаше и кандидатот за советник Томислав Тунтев кој упати критика кон владејачката коалиција и нивниот изборен слоган, додавајќи дека во Охрид во изминатите 8 години делата ги создавала локалната самоуправа инвестирајќи во инфраструктура и конкретни проекти од интерес на граѓаните, за разлика од проектот Скопје 2014.
-Оправданието на власта беше дека со овој проект се спасува градежната оператива и тоа со изградба на споменици, златни огради, жални врби во Скопје. Па што не градеа патишта. Зошто не ја ангажираа градежната оператива за изградба на нова инфраструктура. Зошто не изградија автопат од Велес преку Битола до Охрид. Каде е автопатот од Гостивар до Охрид, зошто нема автопат од Св. Наум до Охрид. Сето тоа го ветија, ништо не направија, рече Тунтев, посочувајќи дека за 500 милиони евра инвестирани во Скопје 2014 можело да се изградат 500 километри автопат кој ќе ја поврзе целата држава.
Носителот на листата за советници проф. Д-р Јован Стојаноски повика на единство, посочувајќи дека тупаницата на изборните плакати е насочена против најголемиот непријател на народот, а тоа е 20-годишната транзиција која го уништува.
-Транзицијата ќе ја победиме само со работа, труд и залагање, рече Стојаноски, најавувајќи проекти за развој не само за туризмот, туку и на локалната економија во Охрид и неговата околина, затоа што, како што рече, “се додека не можеме да сами да се прехраниме за туризам не можеме да разговараме“.
Свое обраќање имаше и кандидатот за трет мандат Александар Петрески кој истакна дека обединетата коалиција нема да застане со Охрид, туку ќе оди до крај. Тој упати критики до актуелната власт за неисполнетите ветувања, истакнувајќи дека македонскиот граѓанин е со најнизок стандард во регионот и тоне во сиромаштија.
-Мојот против кандидат нуди програма за Охрид која содржи проекти кои 90 отсто ќе ги финансирала владата. Која црна влада. Оваа на Никола Груевски одамна ја отсвирела својата последна песна, нејзиното заврши. После септември ќе дојде нова влада на коалицијата предводена од СДСМ, која ќе ги надомести сите гревови кои на Охрид му ги нанесе Груевски, само заради тоа што не можеше да ги преболи претходните два порази. А овој на 24-ти ќе биде неговиот најголем пораз, бидејќи тој ќе биде конечен крај на забеганото владеење на оваа власт.-рече Петрески.
Тој истакна дека во Охрид и покрај опструкциите од власта во изминатите 8 години се реализирани голем број инфраструктурни проекти, асфалтирани се речиси сите улици во градот и околината, изградена е целосно канализационата мрежа, најавувајќи дека во наредните 4 години ќе продолжи со реализација на реални проекти, кои ќе го подобрат живеењето на градот.











