Холандскиот тур-оператор „Корендон“ во 2013 година ќе го зголеми бројот на чартер летови кон Охридскиот аеродром„Св. Апостол Павле“ од сегашните четири на шест aвиони неделно.
Ова доаѓа како резултат на зголемениот интерес на туристите од БЕНЕЛУКС за одмор на охридската ривиера. По тој повод претставници на „Корендон“ деновиве престојуваа во Охрид, каде со партнерот во Македонија „Фибула Ер-Травел“ и претставниците на сместувачките капацитети каде престојуваат туристите од Бенелукс потпишаа Договор за соработка за уште три сезони, како и зголемување на бројот закупени места во хотелите за аранжманите на холандскиот тур-оператор. 
– Договорот со „Фибула Ер-Травел“ решивме да го продолжиме за уште три години. Од идната сезона воведуваме уште два чартер-летови седмично што ќе летаат од Брисел, што значи дека за Македонија ќе работиме со шест авиони седмично односно планираме да донесеме во Охрид повеќе од дваесет илјади туристи од земјите на Бенелукс, изјави Атилај Услу, сопственик и менаџер на Одделот за агенциско работење на групацијата „Корендон“.
Заклучно со минатата седмица се продадени 72 отсто од закупените аранжмани за летување во Македонија за оваа година. А проценките се дека оваа сезона на Охридско-струшкото крајбрежје ќе летуваат над 15 илјади туристи од земјите на Бенелукс. 
OhridNews