Ширењето на коронавирусот може да предизвика голема штета врз претстојната туристичка сезона во Охрид. Во моментов 20-30% од аранжманите се откажани, а доколку продолжи трендот на зголемување на бројот на заболени во земјава, се поверојатно е дека овој процент значително ќе се зголеми.

  • Сликата уште не е јасна, но сите овие случувања се негативни за хотелиерите. Дел од земјите со кои имаме договори почнаа на своите граѓани да им препорачуваат да не патуваат во странство доколку тоа не е неопходно. Загуба во туризмот ќе има во целиот свет, не само кај нас, вели претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.

Деновиве откажано е и доаѓањето на околу 300 гости од Грција кои биле најавени за наредниот викенд.

  • Со оглед на тоа што требаше да престојуваат три дена значи дека пропаѓаат околу 1000 ноќевања, но и покрај тоа во моментов таа загуба не е голема, бидејќи во февруари хотелите на ривиерата, како и секоја година, се исполнати околу 10%. Значителни штети се очекуваат во летниот период, бидејќи сега се прават сите резервации и се продаваат аранжманите, додава Блажески.

Денес од Стопанската комора за туризам на Македонија информираа дека се откажани сите аранжмани за Италија како и за други земји и побараа владата да преземе мерки за обесштетување на патниците и туристичките агенции кои веќе извршиле уплати за осмомартовските екскурзии.

Во меѓувреме, македонските власти ги преземаат мерките кои се препорачани од страна на Светската здравствена организација за заштита на населението од коронавирусот. На двата аеродрома во Скопје и Охрид, патниците, особено оние кои доаѓаат од Италија каде во пораст е бројот на заболени, се проверуваат еден по еден, со цел соодветно да се рагира доколку се открие нов случај.

Засега во Македонија има еден потврден случај на заболено лице со коронавирус.

Т.К.