Македонската кошаркарска репрезентација не успеа да се квалификува на завршницата на ЕП во Шпанија, која стартува во Понеделник. Во решавачкиот дуел за пласман на евро шампионатот, Македонија загуби од Израел со 87:92. Израелците со оваа победа триумфираа на квалификацискиот турнир во Менорка.

Двете репрезентации стартуваа со игра “кош за кош“. Израелците први направија предност, поведувајќи со 15:7. Уште вовој период од играта се виде дека најголема опасност во редовите на Израел претставуваат Халперин и Тапиро.
Нашите блеснаа во 2. четвртина. Направивме комплетен пресврт и успеавме да ја направиме најголемата предност во финишот на четвртината (41:34). Но, нашите противници со серија од 8:0 во последните 2 минути си заминаа на одмор со минимална предсност од 42:41.

Третиот период се покажа како клучен за крајниот исход на средбата. Израелците првин поведоа со 56:48 (две “тројки ж“ по ред на Халперин и Тапиро), а во финишот на четвртината предноста беше и над 10 поени.

Македонската репрезентација се разигра во последните 6 минути од средбата, кога Израел водеше со 80:66. Направивме серија од 7:0, предноста на Израел почна да се намалува. Во 39. минута Илиевски со “тројка“ намали на 81:84, потоа и стигнавме на негатива од 1 поен во три случаи, од кои последниот беше 87:88 на 14 секунди до крај. Сепак, искусните Израелци успеаја да ја задржат топката, и да стигнат до победата, која ги однесе на Евробаскетот.

ИЗРАЕЛ – МАКЕДОНИЈА 92:87 (детална статистика)
Резултат по четвртини: 25:18; 17:23; 29:19; 21:27.

ИЗРАЕЛ: Хаџаџ 10, Халперин 26, Елијаху 15, Маркович, Робертс 9, Пнини, Тапиро 20, Наор, Козикаро 6, Грин 6, Тамир, Рот.
Селектор: Зви Шерф.

МАКЕДОНИЈА: В. Стефанов 23, Илиевски 24, Петровски, Димитровски 6, Богоев, Р. Стефанов 9, Тасовски, Гечевски 11, Антиќ 8, Гоцевски, Вилкинсон 3, Самарџиски 3.
Селектор: Јовица Арсиќ.

Резултат: Израел – Македонија 92:87
Конечна табела: 1. Израел 4 бода, 2. МАКЕДОНИЈА 3, 3. БИХ 2.

Унгарија е репрезентацијата која обезбеди опстанок во “А“ Дивизијата. Унгарците ја совладаа Шведска со 75:64 и победија на турнирот за опстанок. Покрај Шведска, во “Б“ Дивизијата се сели и Данска.

С.К.