Македонската кошаркарска репрезентација ги заврши шестдневните подготовки во Охрид, a избраниците на селекторот Марин Докузовски ќе отпатуваат во Птуј (Словенија), а потоа и за Бормио (Италија), каде што ќе ги одиграат првите контролни средби против Словенија и Полска, односно Италија, Бугарија и Канада, пред заминувањето на Европското првенство (ЕП) во Литванија.


Селекторот Марин Докузовски е задоволен од сработеното во Охрид и Скопје, и покрај непријатните збиднувања во почетокот.

– Секој почеток е тежок, меѓутоа сега е сé во најдобар ред. Сите сме максимално мобилизирани, така што за Словенија ќе патуваме онака како што и прилега на една репрезентација, која се подготвува за еден континентален собир – вели селекторот Докузовски.


Во Охрид се практикуваше двојна доза на тренинзи, која играчите успеаја да ја издржат. Селекторот и играчите се свесни дека колку подобро се подготвени толку подобро ќе одиграат на ЕП.

– Уште од првиот ден на подготовките работевме двапати дневно. Тоа се големи физички напори, кои играчите максимално ги издржаа. Задоволен сум од нивното залагање, посебно значајно за младите играчи, за кои ова беше првпат да почувствуваат како изгледаат вакви подготовки. Но и поискусните играчи максимално професионално ги исполнија сите поставени задачи – смета Докузовски.


Тест-средбите во Словенија и во Италија во голема мера ќе бидат искористени за да се уигра техничко-тактичкиот дел, кој на овие подготовки беше во втор план. Покрај мечевите, кондицијата ќе се дополнува и со паралелното тренирање, а резултатите нема да се во преден план.

– Резултатите нема да ни бидат во преден план на овие тест-средби. Ќе ги испробаме сите играчи, а финалната листа на играчи ќе биде позната пред заминувањето на вториот турнир во Словенија, каде што ќе почне финализирањето на формата – вели македонскиот селектор.


Мекејлеб во договор со кошаркарската федерација ќе се приклучи на турнирот во Италија, додека Гечевски дури по враќањето од овој турнир. Ќе недостига и Антиќ, кој најави дека поради приватни обврски нема да игра во Бормио. Отсуството на Гечевски под кошовите ќе го дополнува Предраг Самарџиски.

– Доцнењето на Гечевски, од една страна, е добро за мене, бидејќи ќе имам поголема минутажа во играта, а со тоа и повеќе време за да влезам во потребната форма. Резултатот нема да ни биде во прв план, туку влегувањето во натпреварувачки ритам – истакна центарот Самарџиски, кој додаде дека најбитно е повредите да ги заобиколат нашите репрезентативци.


Самарџиски е оптимист во поглед на настапот на репрезентацијата на ЕП во Литванија, кое почнува на 31 август.

– Очекувам да направиме солиден резултат, бидејќи имаме добра и искусна екипа со едно ЕП зад нас. Кога би го повториле деветтото место од минатиот шампионат, успехот би бил уште поголем, бидејќи сега ќе настапат 24 репрезентации – смета Самарџиски.


Самарџиски очекува поддршка од „своите“

По успешната клубска сезона во Турција, Самарџиски очекува уште поуспешна во Литванија. ЕП ќе биде првиот тест за Самарџиски пред новите навивачи од кои очекува огромна поддршка.
– Иако немам играно за Лиетос, навивачите на овој клуб веќе се распрашуваат за нашиот состав, пишуваат за нас и сигурно е дека во Литванија ќе имаме голема поддршка. Токму затоа ќе морам да се покажам уште пред да почне сезоната. Клубот, кој загуби во финалето од Жалгирис, формираше нов тим. Го доведоа Александар Ѓикиќ, со кого јас претходно работев во Партизан, а тука е и Александар Рашиќ, со кого бев во ФМП, како и Литванецот Бутис, кој играше со мене лани, така што нема многу непознати за мене. Со клубот очекувам солидни резултати во Европа, како и титула во литванското првенство – оптимист е Самарџиски.

“Фото Емилио“
М.П.