Градоначалникот на скопската Општина Гази Баба, Тони Трајковски рече дека ќе се урива целиот објект на станбениот комплекс „Космос“, затоа што целата градба е повисока за метар и 43 сантиметри во однос на апсолутната кота којашто е измерена од геодетска фирма, пренесува „Макфакс“.

Според него, за да може да се прилагоди на основниот проект, целата градба мора да биде урната.

„Едно од поголемите отстапувања е изградбата на два столба кои не се предвидени, и друго поголемо отстапување е висинската кота која е утврдена од страна на геодетска фирма која констатира отстапување од метар и 43 сантиметри. До денот кога беше посетено градилиштето од страна на инспекторката, од страна на инвеститорот не беше доставено никакво барање за измени во текот на градбата. Инспекторката од увидот констатирала дека целосната градба се гради спротивно на заверениот проект од општина Гази Баба“, рече Трајковски и додаде дека покрај самиот инвеститор и изведувач, голема вина сноси и надзорот кој согласно законот има обврска сите неправилности да ги пријави до овластениот градежен инспектор што не било направено.

Сопственикот на објектот во изградба, Фиат Цаноски, кој денеска обвини дека полицијата не му дозволила да влезе во својот имот и дека згора на тоа не му покажала ниту налог, рече дека изградбата на објектот е целосна и според законот.                       

„Се урива капитален објект во кој се потрошени неколку милиони евра, знаејќи дека за истото немаат правни аргументи и државата ќе претрпи огромни финансиски штети. Станбениот објект се урива во време кога државата со свои мерки сака по секоја цена  да ја поттикне станоградбата, при што се сомневаме дека со рушењето сака да се пресмета со конкуренцијата која исто така гради станови. Процесот на рушење е обезбедуван од армија од над 500 униформирани лица кои на петте луѓе кои бевме присутни како вработени во компанијата во моментот на започнување со акцијата ниту едно службено лице се нема легитимирано, ниту едно  лице нема покажано налог и не ни беше дозволено ниту да дојдеме до самата градба“, рече Цаноски.

Инаку на новинарите не им беше дозволено да пристапат до спорниот објект, а Цаноски                                      

Ја одржа прес-конференцијата на улица, опкружен од зајакнати полициски сили но и од повеќе пратеници на опозицијата.

Уривањето на станбениот комплекс “Космос“, започна денеска рано изутрина,а предвидено е уривање на околу 35.000 метри квадратни од објектот.

Пратеникот од СДСМ, Андреј Петров, заедно со неколку колеги од опозицијата обвини дека уривањето на објектот „Космос“ претставува политичка пресметка со неистомислениците.

„Во услови кога голема финансиска инвестиција веќе се гради и кога е со одобрение, логично би било секој што мисли добронамерно ако има некаква недоследност таа да се отстрани. Во услови кога носиме закон за легализација на диво изградени објекти ние сега како држава влегуваме во едно ново чудо – рушење на веќе изградени објекти и објекти во изградба само затоа што газдата на тој објект не и одговара на владејачката гарнитура“, рече тој.

Град Скопје исто така реагираа за „Космос“, обвинувајќи дека Фирмата „Фине“ на Цаноски, му должи речиси 175 милиони денари за комуналии на Градот Скопје. „Во однос на плаќањето на останатите рати согласно утврдената динамика со оглед дека инвеститорот не плаќал, Град Скопје испратил четири опомени во март, април, мај и јуни, по кои инвеститорот платил само една од предвидените седум рати“, реагираа оттаму.
              
Комплексот “Космос“ се гради покрај Вардар кај мостот “Близнак“, во непосредна близина на Универзитетот ФОН, кој исто така е во сопственост на Цаноски. Предвиден е како луксузен станбено-деловен комплекс со 562 стана. Цаноски денеска информираше дека голем број на луѓе веќе купиле станови во „Космос“.

OhridNews
извор:„Макфакс“