Работиме на зачувување на Охридскиот регион со оној статус кој го има и со унапредување, бидејќи само така може да го потврдиме статусот доделен од УНЕСКО, посочи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Таа информира дека неодамнешната посета во Париз била со единствена цел – информирање на релевантните страни за тоа како се одвива заштитата на охридскиот регион во однос на зачувување на статусот на УНЕСКО.
Задоволна сум од соработливоста од сите засегнати страни во однос на зачувување на овој статус. Ова воопшто не е лесен и едноставен процес но секоја од засегнатите страни, министри, локални самоуправи и агенции кои се дел од овој процес од креирање на оваа легислатива која го регулира статусот на Охридскиот регион како заштитен под УНЕСКО се навистина максимални и даваме се од себе за тоа да продолжи со истата динамика, рече Костадиновска-Стојчевска.
Кон крајот на минатата година, додаде министерката, имале неколку состаноци заедно со министри, градоначалници и директори на соодветните агенции како и одделот заштита и Управата за заштита на културно наследство и оти работат на зачувување на Охридскиот регион со оној статус кој го има и со унапредување.
OhridNews