Работиме активно и интензивно и сите сме на истата страна дека статусот на Охридскиот регион треба да остане заштитен и сите посветено ќе работиме да ги следиме законите и да ги отстраниме сите неправилности кои се јавуваат во овој вакуум период, рече денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа на прес-конференцијата одговорајќи на новинарско прашање потенцираше дека Министерството за култура заедно со сите инволвирани страни последниве шест месеци од оваа година активно работи на ова поле.

Во последните два месеци имавме интензивни состаноци сите заедно, јас како министерка за култура и како претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, со општните Охрид, Струга и Дебрца, поточно со градоначалниците и нивните тимови за урбанизам, со министерот за транспорт и врски, Министерство за животна средина и Агенција за просторно планирање, Хидробиолошки завод и Музеј од Охрид. Тимот кој што е во Министерство за култура работи на таа проблематика, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа напомена оти е посветена на изнаоѓање решенија за овој вакуум период, да се изменат и усогласат сите закони кои треба да го регулираат статусот на градење и одржување на Охрид, охридското крајбрежје, како и општините Струга и Дебарца.

На мое задоволство, сите сме на истата страна дека статусот кој го има Охридскиот регион треба да остане заштитен и дека сите посветено ќе работиме да ги следиме законите. Со Комисијата која е формирана од Министерство за култура ги отстарануваме сите неправилности кои се јавуваат во овој период и работиме на тоа во февруари следната година да немаме некои непосакувано сценарио. Јас сум уверена дека имаме голема поддршка не само од внатре туку и надвор од нашите партнери, рече министерката.

OhridNews