Како општествено одговорна компанија и препознатлив лидер со највисоко развиени технолошки процеси во производството на делови за премиум брендови на автомобили „Костал“ продолжува со своите активности во поддршката на средните училишта во Охрид.
Овој пат, во насока на унапредување на квалитетно изведување на наставата од областа на природно-математичката насока при охридската гимназија ОСУ „Свети Климент Охридски”, претставници на училиштето заедно со директорката денес остварија посета на „Костал“.
Целта на посетата беше доделување на компјутерска опрема, донација на „Костал“, во насока на отпочнување успешна соработка со гимназијата ОСУ „Свети Климент Охридски”.
Во присуство на одговорни лица на компанијата беа дискутирани можностите за взаемна соработка со училиштето, што понатаму ќе резултира со привлекување и мотивирање на следните генерации (од природно математичките струки), да имаат можност својата практична настава ја реализираат во „Костал“ и се стекнат со знаење, вештини и искуство кое во иднина многу ќе им помогне во изборот на високото образование, а воедно би добиле можност за идно вработување во „Костал“ и градење успешна кариера во своето родно место, информира Костал.
Меморандумот за соработка со гимназијата ОСУ „Свети Климент Охридски” ќе биде потпишан пред почетокот на новата учебна година 2023/2024.
OhridNews