Технолошки високо развиената компанија за производство на прецизни делови за автомобилската индустрија Костал, со втората инвестициска фаза која беше презентирана денеска, значително ќе го зголеми производството во својата фабрика во Охрид, а бројот на вработени од сегашните 400 ќе се зголеми на над 1000.
Новата браунфилд инвестиција во Охрид, денеска ја посети вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, во придружба на градоначалникот на Охрид Константин Георгиески. Вицепремиерот истакна дека Костал има сериозен импакт на развојот на Охрид и охридско, како во вработувањата, така и во зголемување на бруто домашниот производ грнерално во државата.
Потпишан е договор за државна помош за втората фаза од нивната инвестиција во висина од 40 милиони евра на просторот на некогашен ЕМО во Косел. Ги видовме халите кои се подготвени, а ние како држава ќе направиме се што е во наша моќ и понатаму да ги привлекуваме странските инвеститори, тие повеќе да соработуваат со домашната економија, но такви странски инвеститори кои ќе вработуваат луѓе со високо образование и ќе креираат високо платени места како Костал, каде 42% од вработените се со високо образование, а просечната бруто плата изнесува над 820 евра, што е исклучитено. – изјави вицепремиерот Анѓушев.

Како резултат на тоа се и рекордните бројки на странски инвестиции кои минатата година достигнаа 624 милиони евра, што е 260% од просекот во минатите години и јас очекувам генерално позитивни бројки во економијата во наредниот период. – рече Анѓушев.

Ова е моја прва посета на Охрид и навистина сум импресиониран од работата што тука е завршена за многу краток период од четири години. Во моментов тука работат 400 луѓе коишто работат со високотехнолошки процеси и вистинско задоволство е да се види развојот на оваа браунфилд инвестиција каде што некогаш функционираше фабриката ЕМО, но во изградбата на нашата фабрика е вложено навистина многу што не може да се спореди со објектот кој некогаш бил тука, кој сега може единствено да се види на стари фотографии. Ова се само дел од плановите кои ние ги планираме во иднина и би сакал да изразам голема благодарност до општината и централната власт за поддршката што ја добиваме. – истакна Кникман.

Треба да стигнеме до 1150 вработени до крајот на 2025 години. Во моментов имаме 80 вработени инженери, а 42% од вработените се со високо образование. Инженерскиот кадар го обезбедивме од целата држава, соработуваме со универзитетите и ги обучуваме кадрите за работа во високо технолошки процес. Планот на компанијата е со напредни технологии кои треба да дојдат во блиска иднина да реализираме извоз од околу 300 милиони евра на годишнон ниво, што е голема бројка не само за Македонија како држава, туку и за Костал групацијата, што значи дека ние ќе бидеме една од трите најважни фабрики на Костал во Европа. – рече Мизо.

Во Македонија има 200 германски инвестиции, кои отворија повеќе од петнаесет илјади работни места, со што помагаме во многу во евроинтегративните процеси на земјата. Владата на Германија ќе продолжи со ваквата поддршка и во иднина. – рече амбасадорот Герберин, кој искажа благодарност до вицепремиерот Анѓушев и владата за кооперативноста и соработката со германските инвеститори во земјата.

Изразуваме почит кон ваквите инвестиции и во иднина ќе се залагаме на секаков начин да ги помогнеме ваквите инвестиции да бележат поголем раст и развој. Горди сме што во нашиот град се произведуваат високотехнолошки производи, ние ги анимираме младите да се образуваат и обучуваат за да можат полесно да дојдат до работни места во вакви компании. – рече Георгиески.

OhridNews
Фото: А. Момироска


















