ВМРО- Народна партија со предлог до градоначалникот Никола Бакрачески и централната власт- владата да го преземе управувањето со колекторскиот систем, што сега е надлежност на МЈП Проаква.
– Предлагаме работната единица колектор, која е под МЈП Проаква да стане државно јавно претпријатие, бидејќи за потрошена електрична енергија за потребите на колекторскиот систем и за поправка на пумпите, годишно, општината треба да плаќа од 150.000 до 200.000 евра . Сметаме дека грижата треба да се преземе на повисоко ниво, бидејќи очигледно е дека овие трошоци се големи за општините Охрид и Струга, рече претседателот на општинската ВМРО- НП, Ванчо Костоски.
Тој додаде дека идејата од нивна страна и претходно била презентирана при подготвувањето на општинскиот буџет, но не била разгледана од страна на надлежните.
– Градоначалникот Никола Бкрачески, кој е и член на извршниот комитет на ВМРО- ДПМНЕ,и претседателот на општинскиот комитет на партијата Атанаско Михаилов, наместо својата енергија да ја трошат во вршење на притисоци за бркање од работа и преместувања на опозиционите вработени во јавните претпријатија, еве имаат можност да се докажат и да го побараат ова што ние го иницираме, рече Костоски.
Од ВМРО-НП со предлог, владата да го преземе и долгот кој општината го има по основ на изградба на колекторскиот систем, кој датира од 1997 година и чија висина сега изнесува од 8 до 9 милиони евра долг кон АД Гранит. Како што потенцира Костоски, износ кој претставува 27% од вкупниот долг на општината.
Доколку нивниот предлог не биде доставен на првата наредна седница на собранието на РМ пред одржувањето на изборите, Костоски рече дека тоа ќе биде направено од страна на пратениците од ВМРО-НП кои ќе се дел од новата влада по одржувањето на се поизвесните вонредни парламентарни избори.
OhridNews